Научниците идентификувале генетска поврзаност помеѓу група на психолошки фактори познати како „големите пет“ особини на личноста – екстраверзија, невротичност, согласност, совесност и отвореност кон искуства, и сметаат дека тие исто така може да влијаат врз ризичните фактори за одредени психички растројства.
И покрај тоа што веќе е утврдено дека карактерот е делумно поврзан со генетиката, последните истражувања за геномски асоцијации како овие, ќе им овозможат на истражувачите да погледнат одблизу кои делови од нашиот ДНК код влијаат на одредени аспекти од нашиот карактер.
„Иако нашите карактерни особи се наследни, тешко е да се карактеризираат генетските варијации поврзани со карактерот се’ до неодамнешното големо истражување „GWAS“ – објаснува главниот истражувач Чо- Хуа Чен од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.
Чен и неговиот тим ги анализирале генетските податоци, вклучувајќи 60,000 генетски примероци собрани од приватна фирма „23andMe“ и околку 80.000 примероци обезбедени од страна на „Genetics of Personality Consortium“.
Со толку многу примероци на ДНК за работа, тие биле во можност да бараат корелации помеѓу специфичните генетски карактеристики, особини на личноста и психијатриски нарушувања.
Знаеме дека делови од нашата личност, како што е интелигенцијата, се должат на комбинација на гени со кои сме родени, нашата наследна ДНК, и нашите искуства во животот, како на пример колку се добри нашите наставници додека растеме.
Но, научниците не се сигурни како овие два фактори се балансираат, што ги прави ваквите големи студии многу корисни.
Истражувачите откриле поврзаност помеѓу одредени гени и особини. На пример генот „WSCD2З“ и „PCDH15“ се поврзани со екстраверзија, додека пак генот „L3MBTL2“ и хромозомот „8p23.1“ се поврзани со невротичност.
Исто така откриле дека гените поврзани со невротичност и отвореноста кон искуствата се групирани заедно во истите региони како и гените поврзани со одредени психички растројства.
Други генетски корелации покажале поврзаност помеѓу екстраверзијата и дефицитот на внимание, односно хиперактивното пореметување „ADHD“, помеѓу отвореноста, шизофренијата и биполарното растројство, и помеѓу невротичноста, депресијата и анксиозноста.
Со други зборови, истите делови од ДНК кодирањето кои помагаат во дефинирањето на нашата личност, може исто така да влијаат и на веројатноста за развивање на ментални здравствени проблеми.
Не велиме дека гените со кои сме родени целосно ја дефинираат нашата личност и ги прават психијатриските проблеми неизбежни, но се чини дека тие имаат влијание, и може тесно да се поврзани меѓу себе, врз основа на овие наоди.
Од друга страна пак, ова истражување не пронашло генетски поклопувања помеѓу менталните болести и согласноста (да се биде кооперативен и внимателен) или совесноста (да се биде одговорен и само-дисциплиниран).
Ова истражување се уште е на почетокот, и студијата покажала само корелација, а не предизвикувачка поврзаност помеѓу карактерните особини и одредени психолошки нарушувања, но тимот смета дека со повеќе истраживања можеби ќе имаме можност да најдеме начин за да се предвидат и третираат овие нарушувања во иднината.
„Нашата студија е во рана фаза за генетското истражување на личноста, и многу други генетски варијанти поврзани со особините на личноста допрва ќе бидат откриени. Откривме генетски корелации помеѓу особините на личноста и психијатриските нарушувања, но конкретните варијанти во основата на корелациите се непознати“ – додава Чен.
Работата е објавена во „Nature Genetics“.