Откриена најстарата опсерваторија во светот?

Научниците што ја истражуваат камената формација Вурди Јуанг во Австралија велат дека откриле нови докази кои укажуваат дека е можно тоа да претставува најстарата опсерваторија во светот.

Покрај тоа што претставува првиот физички доказ дека луѓето користеле алатки за да ги набљудуваат активностите на небото, локалитетот може да открие како точно астрономите на Абориџините го следеле движењето на Сонцето во текот на целата година и што претставувале тие опсервации за нивната култура.

За разлика од денешните опсерватории што користат огромни телескопи, древните опсерватории се состоеле главно од комплексно поставени камени блокови, како што е случајот и со Стоунхенџ.

Локалитетот Вурди Јуанг е сличен како Стоунхенџ и се состои од 90 базалтни блокови, многу внимателно поставени. Се наоѓа на 45 километри западно од Мелбурн, на планината Ротвел, но точната локација не се открива.

Истражувачите, предводени од Двајт Наманер од Универзитетот Монаш, сметаат дека блоковите со различна големина се наредени така да може да ја следат зимската и летната рамноденица, а абориџинските астрономи го користеле околниот пејсаж да ја одредат нивната положба.

wurdiyouang

 

„Околу локалитетот се наоѓаат неколку планински масиви и ако застанете во одредена позиција во рамките на формацијата, ќе видите три големи планини и три големи карпи што се нивна имитација. Карпите се со различна висина – од висина до коленото, до висина до половината и иако некои од нив се поместиле во текот на годините, нјголемиот дел останале недопрени“, вели кустосот на локалитетот Рег Абрахамс за „The Guardian“.

wurdhi-steve-edit-2-photopad-edit-copy-864x440

Според проценката на истражувачите, блоковите датираат од пред околу 11.000 години, што ја прави оваа камена формација постара од Стоунхенџ, па дури и од Големата пирамида во Гиза.

Истражувачите истакнуваат и дека откриле докази за постоење на тераси околу целиот локалитет кои се користеле за земјоделство, што наведува на заклучокот дека формацијата била лоцирана во близина на постојани населби. Тоа укажува дека формацијата е користена за следење на годишните времиња, со помош на движењата на ѕвездите, веројатно за земјоделски цели.

Овие наоди сѐ уште не се објавени во рецензирано списание, но доколку истражувачите успеат да потврдат дека опсерваторијата е стара 11.000 години, тоа ќе биде најстарата досега позната опсерваторија, а укажува и дека абориџинските племиња – за кои се сметаше дека се номадски, имале постојани живеалишта многу порано отколку што се сметаше.

Поддржете ја нашата работа: