Откриена нова далечна планета во нашата галаксија

Ова откритие покажува дека „Spitzer“, од својата уникатна положба во вселената, може да се користи за да се открие како планетите се распоредени низ нашата галаксија. Дали се концентрирани во центарот или се порамномерно раширени кон периферијата?

„Не знаеме дали планетите се почести во центарот или во дискот на нашата галаксија, и токму поради тоа овие набљудувања се многу важни“, вели Џенифер Ји, главниот автор на истражувањето.

Научниците го скенирале небото од опсерваторијата Лас Кампањас во Чиле, со помош на методата наречена „микролеќа“. Тоа се случува кога една ѕвезда поминува пред друга, и нејзината гравитација делува како леќа за зголемување и осветлување на подалечните ѕвезди. Ако предната ѕвезда има планета која орбитира околу неа, таа планета може да предизвика светли точки во зголемувањето. Астрономите ги користат тие светли точки за да ги најдат и карактеризираат планетите во центарот на галаксијата кои се наоѓаат на десетици илјадници светлосни години оддалеченост. Со оваа техника досега се откриени околу 30 планети, од кои најдалечената е на околу 25 илјади светлосни години.

 

Оваа техника, исто така, ги надополнува и другите „алатки“ на НАСА за пронаоѓање на нови планети, како што е на пример Кеплер кој има пронајдено повеќе од 1000 планети. Но, оваа техника има еден клучен проблем – не може прецизно да го одреди растојанието до ѕвездите и планетите кои се набљудуваат. Од приближно 30-те планети кои се откриени со неа, речиси половина немаат прецизна локација.

Тука настапува „Spitzer“ кој моментално кружи околу Сонцето на оддалеченост од 207 милиони километри од Земјата. Кога „Spitzer“ набљудува еден настан на микролеќа истовремено со телескоп на Земјата, ја гледаат светлината на ѕвездата во различно време, поради големата далечина помеѓу телескопите и нивната уникатна гледна точка. Оваа техника е позната како паралакса.

Во овој случај, „Spitzer“ ја детектирал планетата, односно ја видел нејзината светлина 20 дена порано од телескопот во Лас Кампањас. Ова временско задоцнување, научниците го искористиле за да ја пресметаат оддалеченоста на ѕвездата и нејзината планета. Кога ја одредиле оддалеченоста, научниците ја одредиле и масата, која е отприлика половина од онаа на Јупитер.

„Spitzer“ во соработка со телескопите од Лас Кампањас забележал уште 22 други настани на микролеќа кои не резултирале со пронаоѓање на нови планети, но се многу важни за статистиките на застапеност на ѕвездите и планетите во срцето на нашата галаксија. Повеќе информации за „Spitzer“ може да најдете тука.

Поддржете ја нашата работа: