Меѓународен тим на астрономи го објави откривањето на нова џуџеста планета во нашиот сончев ситем која се наоѓа позади Нептун и кружи околу Сонцето во неверојатно широка орбита.
Џуџестата планета засега е наречена „2015 RR245“ и изнесува околу 700 километри во дијаметар. Нејзината издолжена орбита ја одалечува од Сонцето 120 пати повеќе од Земјата, што значи дека се работи за прилично далечен сосед.
Астрономите постојано пронаоѓаат нови џуџести планети во Кајперовиот појас, но оваа се издвојува по својата големина и својата орбита. Научниците велат дека е најголема од повеќе од 500 транс-Нептунски објекти откриени со ова истражување.
„Студените светови позади Нептун може да ни откријат како се формирале џиновските планети и како се одалечиле од Сонцето. Тие може да ни помогнат да ја составиме историјата на нашиот сончев систем, но речиси сите се многу мали и бледи. Навистина е возбудливо што откривме доволно голема и светла планета за конечно да можеме да ја проучуваме во детали“, велат истражувачите.
Научниците велат дека на планетата и се потребни околу 700 години за да ја исполни својата орбита околу Сонцето и дека во моментов патува кон нејзиното најголемо доближување до Сонцето од 5 милијарди километри кое би требало да се случи околу 2096 година.
Тие сметаат дека некогаш во нашиот сончев систем имало многу вакви планети, но повеќето биле уништени или исфрлени надвор од нашиот сончев систем кога поголемите планети се поместиле во нивните сегашни позиции. Сега, „RR245“ се приклучува на другите преживеани планети од тој период, како што се Церера, Плутон, Хаумеа, Макемаке и Ерида, кои се признати како џуџести планети од страна на Меѓународната астрономска унија.
Научниците за прв пат ја забележале оваа планета во февруари, кога ги прегледувале податоците од истражувањето за потеклото на надворешниот дел на сончевиот систем од септември 2015 година.
Нивното истражување се’ уште не е објавено и се’ уште се чекаат понатамошни детали од истражувачите, но новата планета е формално признаена од страна на Меѓународната астрономска унија.