Научниците открија остатоци од мистериозна ајкула со големина на еден автомобил, која пливала во водите на крајбрежјето на Атлантскиот и Тихиот Океан пред околу 20 милиони години.
Новооткриениот вид е роднина на супер-предаторот мегалодон и антички предок на днешната голема бела ајкула – но во фосилните податоци има празнина од 45 милиони години пред да се појави овој нов вид, со што остануваат многу неодговорени прашања за тоа како оваа ајкула еволуирала и колку долго живеела.
Фактот дека толку голема ајкула со толку голема географска распространетост не била откриена се досега, всушност ни покажува колку малку знаеме за античкиот морски екосистем на Земјата, вели главниот истражувач.
Новиот вид е именуван „Megalolamna paradoxodon“ и е класифициран како сосема нов род. Името „paradoxodon“ се однесува на фактот дека ајкулата се појавила одеднаш во геолошката евиденција, веднаш откако најверојатно се одделила од нејзината најблиска роднина – „Otodus“, околу 45 милиони години порано.
Досега се пронајдени само 5 заби долги по 5 см во Калифорнија, Северна Каролина, Јапонија и Перу, со што се опфаќа поголемиот дел од крајбрежјето на Тихиот и Атланскиот океан.
Според овие фосилни остатоци, истражувачите проценуваат дека ајкулите растеле до околу 3,7 метри во должина, што значи дека биле значително помали од мегалодонот, за кој се смета дека достигнувал неверојатни 18 метри во должина и живеел пред околу 23 до 2,6 милиони години.
Иако биле помали, овие ајкули биле доволно големи за да се хранат со риби со средна големина и според истражувачите биле само малку помали од денешната голема бела ајкула.
Истражувањето е објавено во „Historical Biology“.