Во 2005 година, астрономите откриле мистериозен „вишок“ на сферични галаксии во раниот далечен универзум. Овие галаксии, со околу една третина од големината на оние во нашето соседство и приближно слична маса, ги имало во изобилство пред 11 милијарди години, а денес се многу ретки. Во локалната вселена доминираат елиптични галаксии – џиновски облаци од ѕвезди со мала структура и дискови галаксии како нашата.
Научниците сметале дека овие компактни масивни галаксии исчезнале од блискиот универзум. Слично како што диносаурусите биле убиени од космички судир, научниците со помош на компјутерски симулации покажале дека овие галаксии може да биле уништени преку меѓусебни спојувања и судири. Многу астрономи сметале дека ова ја објаснува разликата во застапеноста, но имало еден проблем – во тој случај би требало да видиме многу повеќе галаксии кои орбитираат една околу друга и се движат кон судирот, а не гледаме такви.
Алистер Греам од Универзитетот за технологија „Свинбурн“ во Мелбурн, Австралија, заедно со своите колеги, смета дека има објаснување за сето ова. Со повнимателна анализа на истражувањата и снимките на локалниот универзум, тој открил дека 21 галаксија која првично изгледала како 3Д облаци од ѕвезди, односно се сметале за џиновски елиптични галаксии, всушност се 2Д дискови галаксии со испакнатини во средината. Тие испакнатини имале иста физичка маса и компактна големина како галаксиите во раниот универзум. Тоа значи дека сфероидните галаксии кои се сметале за исчезнати, не се навистина исчезнати, туку едноставно околу нив се формирал диск, најверојатно од водороден гас и ѕвезди од помалите околни галаксии без поголемо спојување.
„Оргиналниот компактен сфероид од ѕвезди во својот центар е непроменет“, вели Греам. „Цело време ни биле пред очите, но научниците биле наведени на погрешно мислење поради дисковите“, објаснува тој.
Резултатите, објавени во „The Astrophysical Journal“ сугерираат дека има 1000 пати повеќе вакви галаксии во локалниот универзум отколку што претходно се мислеше – приближно исто колку што и имало во раниот универзум. Греам вели дека дел од централната испакнатина на нашата галаксија можеби некогаш била една од овие компактни галаксии.
Но, некои научници сметаат дека ова објаснување се’ уште не ја решава мистеријата бидејќи испакнатините во галаксиите се поголеми од оние во раниот универзум.