Археолозите открија остатоци од најстарата досега позната пивара во Кина, откопувајќи низа антички керамички садови кои содржат траги од пијалок од пред околу 5.000 години.
Откриени во археолошко наоѓалиште во северна Кина, садовите се пронајдени во јами кои датираат од периодот помеѓу 3.400 и 2.900 година пред наша ера. На садовите биле пронајдени слаби хемиски остатоци што всушност ја откриле нивната оргинална намена, како и докази за антички зрна кои се користеле како состојки во ферментацијата на пиво.
Анализите покажале траги од просо (Panicum miliaceum), јачмен (Hordeum vulgare), „Coix lacryma-jobi“ и кртоли, нешто што научниците го нарекуваат „изненадувачки рецепт на пиво“ бидејќи претставува мешавина на кинеската и западната традиција.
За жал, не е возможно да се дознае каков вкус имал овој древен пијалок, бидејќи иако анализите ги откриваат состојките, не укажуваат на пропорциите на секое зрно.
Покрај хемиските остатоци, физичкиот изглед на керамиката е уште еден знак кој укажува на античката пивара, сугерирајќи дека се користеле садови за филтрирање и складирање. Откриена е и печка која научниците мислат дека можеби се користела за разложување на јаглехидратите во шеќер.
Овие откритија укажуваат на тоа дека за производството на пиво во минатото се употребувале истите принципи и техники како и сега. Истражувачите сметаат дека јачменот можеби првично навлегол во Кина поради неговата употреба при производството на алкохол, а потоа си го пронашол патот и во земјоделството.
Сега кога се откриени состојките на најстарото познато кинеско пиво, можеби некој ќе се обиде повторно да го направи.
Истражувањето е објавено во „ Proceedings of the National Academy of Sciences“.