Астрономите користат радио бранови за да можат да видат што се наоѓа позади галактичката маса и ѕвездената прашина на нашиот Млечен Пат. На тој начин, во близина откриле стотици галаксии кои претходно не можеле да ги забележат токму поради Млечниот Пат.
Научниците регистрирале 833 галаксии (од кои третината никогаш претходно не биле забележани) со помош на радио телескопот „CSIRO Parkes“ во Австралија. Галаксиите се лоцирани на околу 250 милиони светлосни години од Земјата, што во астрономски термини значи дека се многу блиску.
Нашата галаксија е многу интересна за проучување, но целосно го блокира погледот на поодалечените галаксии во позадината, вели Листер Стејвли-Смит од Националниот центар за радио астрономски истражувања при Универзитетот во Западна Австралија.
Новооткриените галаксии се наоѓаат во областа позната како „Зона на избегнување“, која е наречена така поради тоа што нашиот поглед на оваа зона секогаш бил попречен од планетите и ѕвездите од Млечниот Пат.
Научниците досега користеле многу техники и безуспешно се обидувале да видат што се наоѓа позади нашата галаксија, но сега, благодарение на радио брановите и на овој телескоп, конечно успеале да видат што се наоѓа позади најдебелиот преден слој на прашина и ѕвезди.
Една просечна галаксија содржи 100 милијарди ѕвезди, па откривањето на стотици нови галаксии укажува на огромно количество на маса за која досега не сме биле свесни. Оваа маса би можела да им помогне на научниците да го сфатат космичкиот феномен кој се наоѓа во оваа зона и кој го нарекуваат „Големиот привлекувач“.
Овој мистериозен регион во вселената се чини дека ја привлекува нашата галаксија (како и стотици илјади други галаксии) кон него. Научниците веруваат дека оваа аномалија е еднаква на гравитационата сила на милион милијарди Сонца и ги збунува научниците уште од нејзиното откривање во 1970-тите години. Можеби новите податоци за скриените галаксии ќе помогнат во објаснувањето на овие сили кон кои Млечниот Пат се движи со повеќе од 2 милиони километри на час.
Истражувањето е објавено во „The Astronomical Journal“.