Можеби сте имале среќа да видите затемнување на Сонцето, но оние што ние ги доживуваме на Земјата, кога Месечината привремено ја блокира светлината од Сонцето, не се ништо во споредба со новите ѕвездени затемнувања што астрономите неодамна ги открија.
Сумин Танг, астроном од Харвард, заедно со своите колеги проучувал повеќе од 10 илјади фотографски плочи направени од проектите „AAVSO“ и „DASCH“ и открил затемнување кое се случува еднаш на секои 69 години во бинарниот ѕвезден систем „TYC 2505-672-1“ и трае 3,5 години.
Големата оддалеченост меѓу двете ѕвезди (отприлика колку растојанието меѓу Сонцето и Уран) е причината за долгиот период од 69 години помеѓу еклипсите, а самиот ѕвезден систем е оддалечен околу 10 илјади светлосни години од Земјата.
„Ова е најдолгото ѕвездено затемнување, како и најдолгиот период помеѓу затемнувањата кај бинарен систем што е откриена досега“, велат астрономите.
Ова рекордно 3,5-годишно затемнување го надминува претходниот рекорд од 640 до 730 дена на секои 27 години на бинарниот систем „Epsilon Aurigae“ кој се наоѓа на оддалеченост од 2.200 светлосни години од Земјата и поради тоа што е поблиску и е посветол, научниците можат полесно да го проучуваат.
Бинарниот систем „TYC 2505-672-1“ се чини дека се состои од две црвени џиновски постари ѕвезди, од кои едната е опкружена со голем диск од материи – што најверојатно е и причината за долгиот период на затемнување. Научниците веруваат дека едната од ѕвездите е околу 2.000 степени пожешка од нашето Сонце, но сега за сега дури и со најмоќните телескопи научниците не можат да ги разделат и одделно да ги проучуваат ѕвездите. Да се надеваме дека напредокот на технологијата ќе ни овозможи да ги видиме до 2080 година, кога треба да се случи следното затемнување.