Еден чуден изумрен цицач, чие потекло му било нејасно и на самиот Чарлс Дарвин, конечно го најде своето место во семејното стебло на живиот свет на Земјата.
Животното со име „Macrauchenia patachonica“ (или ламата со долг врат) изгледало како камила, но без грба, со долг врат, издолжен нос (сличен на сурла) и ноздри поставени над очите. Достигнувале тежина помеѓу 400 и 500 килограми, се хранеле со трева и лисја и живееле на подрачјето на Јужна Америка.
Првите фосили од ова животно ги открил Чарлс Дарвин во Патагонија (Јужна Америка), во 1834 година. Овие остатоци го збуниле Дарвин, бидејќи биле различни од сѐ што до тогаш имал видено.Тој му ги испратил фосилите на познатиот палеонтолог Ричард Овен, но и тој не можел да ги смести во некој од познатите видови.
Потеклото, како и тоа што се случило со овој вид животни во голема мера сѐ до сега беше мистерија.
Со цел да ги откријат најблиските сродници на ова чудно животно, научниците од Универзитетот во Потсдам во Германија и Прородонаучниот музеј во Америка, направиле анализа на митохондријалната ДНК извлечена од фосили пронајдени во една пештера во јужниот дел на Чиле.
Наодите покажале дека „Macrauchenia“ има сличности со редот копитари, во кој меѓу другите спаѓат коњите, носорозите и тапирита. Научниците веруваат дека овие животни пред 66 милиони години се одвоиле од копитарите, приближно во времето кога исчезнале диносаурусите и оттогаш немаат заеднички предок. Тие опстанале до доцниот плеистоцен, пред 20.000-11.000 години.
Зошто „најчудното животно“ исчезнало, за научниците сѐ уште останува отворено прашање.
„Можно е причината за тоа да се луѓето, климатските промени или мешавина од двата фактори“– вели Михаел Хофрајтер од Универзитетот во Потсдам.
Истражувањето е објавено во „Nature Communications“.