Истражувачите од Универзитетот во Њукасл, Англија произведоа пестицид составен од отров на еден австралиски пајак (Australian funnel web spider) и лектин од кокиче.
Колапсот на пчелните семејства е феномен кога огромен број пчели никогаш не го наоѓаат патот назад до своите кошници. Според пчеларите во САД, во последните осум години околу 30 проценти од пчелните семејства се уништени.
Пчелите имаат витална улога во опрашувањето, процес неопходен за скоро една третина од светските посеви. Улогата на пестицидите што вообичаено се користат не е соосема јасна. Своја улога најверојатно имаат и другите фактори, како што се климатските промени, паразитите, како и недоволната исхрана поради намалување на фуражните растенија.
Меѓутоа една студија од почетокот на годинава покажа дека изложувањето на пчелите на несмртоносна доза на неоникотиноид, супстанција што ја содржат многу пестициди, доведува до колапс на пчелните семејства. Неоникотиноидите имаат штетно дејство врз способноста на пчелите да учат, како и врз меморијата, што доведува до неможност на пчелите да комуницираат со кошниците.
Истражувачите од Њукасл ги изложиле пчелите на разни дози на новиот пестицид во рок од седум дена, при што вршеле тестирања на меморијата и забележале промени во однесувањето. Наодите покажале дека постојат многу мали шанси пестицидот да предизвика какви било штетни последици врз пчелите. Претходните тестирања покажале дека пестицидот е безбеден за поголемите животни, што значи дека има вистински потенцијал и е посигурна алтернатива од пестицидите што во моментов постојат на пазарот, сметаат истражувачите.