Античкото оружје кое археолозите неодамна го пронајдоа во Тексас, старо околу 13.500 и 15.500 години, можеби им припаѓало на првите луѓе кои ја населиле Америка.
Десет години, еден тим од археолози внимателно ископувале место во близина на Тексас, трагајќи по некој знак кој ќе го симболизира доаѓањето на првите луѓе во Америка. Сега, конечно им се насмеала среќата – пронашле 11 врвови од копје, стари измеѓу 13.500 и 15.500 години.
Овој податок го сместува каменото оружје меѓу најстарите артефакти пронајдени во Америка. Освен тоа, единствено обликуваните врвови од копјето лежат закопани под оружјето и алатот кои припаѓаат на културата Кловис, а истиот податок вели дека луѓето од Кловис, сепак не биле први кои стигнале до Америка, како што археолозите верувале подолго време.
“Ова е еден вид истражување кое ќе ја продолжи приказната за населувањето на Новиот свет”, вели Тод Брае, археолог од Калифорниската академија на науките во Сан Франциско, кој не бил вклучен во ова истражување.
Новата студија алудира на уникатниот стил на оружје произведено од страна на овие мистериозни први Американци, кое би можело да им помогне на археолозите да ја следат нивната миграција во Северна и Јужна Америка.
“Локалитетот на кој биле пронајдени овие алати има достапна свежа вода во текот на целата година што го прави идеално место за живот”, вели Мајкл Вотерс, археолог на Универзитетот Тексас А & М, кој ги спроведувал ископувањата од 2006 до 2016 година.
Оружјето и камените алатки пронајдени во оваа област укажуваат на тоа дека луѓето живееле тука повеќе од 10.000 години, а меѓу остатоците од оружјето се врвовите на копја кои што се користеле за време на лов на мамути и други големи животни пред околу 13.000 години.
Не станува збор за класично досега видено оружје, бидејќи ова има вертикално врежани жлебови од двете страни на основата. Низ годините археолозите мислеле дека ловците кои користеле вакво копје биле првите кои дожле до Америка, одејќи пеш од Алјаска преку одледените пространства на западна Канада, спуштајќи се на територијата на денешните САД пред околу 13.500 години.
Сепак таквата идеја почнала да се распаѓа во 1997 година, кога археолозите потврдиле дека Монте Верде, локалитетот во Чиле е стар барем 14.500 години, што значи дека луѓето живееле таму пред одмрзнатиот коридор да стане прооден.
Откако хипотезата дека првите доселеници на Америка се Кловис е побиена, археолозите повеќе не знаеле со сигурност кога дошле првите Американци. Уште полошо, ниту имале начин доследно да ги идентификуваат камените алати. За разлика од лесно препознатливите копја на Кловис, алатките не се направни со еден единствен стил.
Сепак, се чини дека Вотерс сега го препознал овој стил во новооткриеното копје. Копјата ги нарекол “западни врховни копја” (western stemmed points). Ова ново оружје, генерално е помало од копјата на Кловис, му недостасуваат жлебовите, како и зашиленоста кон крутата рачка. Тимот открил 11 такви копја, на 15 сантиметри под споменатите копја на Кловис, што значи дека сигурно се постари.
Но, прашањето сепак би било: Колку постари?
Мерењата на Вотерс покажале дека седиментот во кој се наоѓале “западните врховни копја” бил стар помеѓу 13.500 и 15.500 години, што своевремено ги прави и оружјата исто толку стари.
Ова пронајдено оружје отвора нови прашања: Дали луѓето од културата Кловис се потомци на претходните жители на Тексас? Или дали можеби и едните и другите одвоено мигрирале на овој контитент пред да ги закопаат своите оружја ширум таа земја?
“Само што почнавме да одговараме на вакви прашања”, вели Вотерс.