Научниците од Универзитетот Вашингтон во Сиетл успеале да направат мобилен телефон кој енергијата која му е потребна за функционирање ја црпи од околината, и тоа му овозможува да работи без батерија.
Прототипот на овој уред се базира на технологија позната како „backscatter“, која му овозможува да рефлектира радио бранови и на тој начин да комуницира.
Додека на денешните мобилни телефони им е потребна голема количина на енергија за да работаат, овој уред користи аналоген, наместо дигитален начин на комуникација, што е слично на шпионската опрема од времето на Студената војна.
Идејата за креирање на овој уред истражувачите ја добиле од „бубачките“ што Советите ги користеле за прислушкување во тој период. Овие уреди биле активирани само со радио бранови со одредена фрекфенција.
Иако можеби овој телефон без батерија нема да има најдобар прием, тој сепак функционира.
„Конвертирањето на човечкиот глас во дигитален сигнал троши многу енергија. Ако може да комуницирате со помош на аналогна технологија, практично сте многу енергетски поефикасни“– вели Вамси Тала, еден од истражувачите кој работи на овој проект.
Сегашниот прототип е многу едноставен – има бројчаник осетлив на допир и LED екран, а засега има опсег од само 15 метри. Но, во иднина, со малку подобрена технологија би можел да се користи во понапредните системи.