Овозможено природно репарирање на повредени нерви

Уредот кој е наречен „Nerve guidance conduit“ (NGC) што во слободен превод би требало да значи „цевковод за насочување на нерви“ е составен од мрежа на ситни мали цевчиња, кои ги насочуваат оштетените нервни завршетоци едни кон други со цел тие да заздрават на природен начин.

Пациентите со нервни повреди може да страдаат, како од неподнослива болка така и од потполно губење на осетот во оштетената површина, што може да биде исклучително болно и исцрпувачко искуство. Тековните методи за санација на оштетувањето на нервите подразбираат потреба од хируршка интервенција која со шиење или слични постапки ги припојува нервните завршетоци и често резултира со некомплетни резултати.

Иако е позната употребата на некои видови на „NGC“ во хирургијата, нивната употреба беше лимитирана на ограничен број материјали и дизајни, со што се ограничува нивната примена во само одредени случаи на повреди.

Оваа техника, развиена од Факултетот за инженерство Шефилд, користи компјутерски (CAD) софтвер со кој се дизајнираат уредите, кои потоа се фабрикувани користејќи форма на ласерко 3D печатење. Предноста на ова е дека на овој начин може да се добијат „NCG“ приспособeни за секаков вид на оштетување на нервите, па дури и прилагодени на секој поединечен пациент посебно.

Истражувачите ја употребиле оваа техника кај глувци со цел да го измерат заздравувањето на нервите, и демонстрирале успешно заздравување на нервите кои биле 3 мм. во прекин и тоа во период од 21 ден.

Професорот по биоинженеринг Џон Хајкок вели: „Покажавме дека техниката работи успешно во животински модели и сега наредниот чекор е ова техника да ја пренесеме во клиниките“.

Тимот од Шефилд користел материјал наречен полиетилен глукол кој веќе е одобрен за клиничка употреба и кој е исто така погоден за 3D печатење. „Понатамошната работа веќе е во тек и се испитува производството на вакви уреди со користење на биоразградливи материјали, како и уреди кои можат да работат на поголеми повреди”, вели д-р Фредерик Клејсенс, виш предавач по биоматеријали во Шефилд.

Истражувањето е објавено во „Biomaterials“.

Поддржете ја нашата работа: