Научниците од Универзитетот во Единбург покажаа дека паразитите се способни да вметнат мали, запечатени пакетчиња со генетски материјал во клетките на својата жртва и на тој начин да го поттиснат имуниот одговор на инфекцијата.
Овие пакетчина, наречени везикули, ги имитираат оние што нормално се продуцираат во организмот и служат за одржување на секојдневните функции, како што се пренос на хранливи материи или хемиски пораки во и од клетките.
Паразитите ги користат везикулите за да го скријат својот материјал во внатрешноста на навидум пријателската средина, исто како Тројанскиот коњ.
Истражувањето, што било спроведено на паразити пронајдени во глувци, покажало дека материјалот од везикулите може да стапи во интеракција со гените на домаќинот и да направи промена во клеточните механизми одговорни за иминунитетот. На тој начин успева да ја намали отпорноста на организмот на инфекции.
Истражувачите велат дека ова откритие може да биде искористено за спроведување на нови стратегии во лекувањето на паразитарните заболувања од кои страдаат милиони луѓе и животни. Наодите би можеле да послужат и во третирањето на алергиите, бидејќи имуниот систем што паразитите го блокираат е поврзан и со алергиските реакции.
Генетскиот материјал од паразитите исто така може да се открие и во човечката крв, што укажува на можноста да биде искористен за тестови за откривање на инфекции кај луѓето. Истражувањата што се во тек, имаат за цел да откријат дали и други паразити и вируси ја користат оваа „стратегија“.
Истражувањето е објавено во списанието „Nature Communications“.