Пациентите не го разбираат ризикот од непотребни антибиотици


Во истражувањето, спроведено од Универзитетите „Џорџ Вашингтон“, „Корнел“ и “Џон Хопкинс“, биле анкетирани 113 пациенти од една урбана болница, со цел да се тестира сфаќањето на пациентите за антибиотиците. Откриле дека пациентите бараат да им бидат препишани антибиотици и покрај тоа што знаат дека, ако имаат вирусна инфекција, антибиотиците нема да им помогнат. Овие пациенти веруваат дека земањето на лекот нема да им ја влоши состојбата и дека ризикот од непотребното замање на антибиотици, не е поголем од можноста  тие  да им помогнат.

„Пациентите сметаат дека антибиотиците не можат да им наштетат. Кога се болни, тие бараат нешто што ќе им помогне да се чувствуваат добро. И покрај тоа што теоретски знаат за ризиците од несаканите ефекти од непотребното земање на антибиотици,  сметаат дека тие ризици се многу мали“, вели д-р Брониатовски, член на истражувачкиот тим.

Сепак, спротивно на мислењето на пациентите, постојат многу ризици кои се поврзани со непотребното земање на антибиотици, меѓу кои и секундарни инфекции и алергиски реакции.

„Повеќе од половината од анкетираните пациенти знаеја дека антибиотиците не делуваат на вирусите, па сепак се согласија да ги земаат „за секој случај“, вели д-р Брониатовски. „Мора против оган да се бориме со оган. Ако пациентите сметаат дека антибиотиците нема да им наштетат, не е доволно само да им кажеме дека веројатно имаат  вирусна инфекција. Треба јасно да им укажеме дека антибиотиците можат да имаат прилично лоши несакани дејства и дека дефинитивно не можат да ја излекуваат вирусната инфекција.“

Истражувањето покажува дека повеќето едукативни алатки, кои се однесуваат на опасностите од непотребната употреба на антибиотиците, се фокусираат на разликите помеѓу бактериите и вирусите, а не им објаснуваат на пациентите зошто да не ризикуваат. Иако истражувањето е мало, резултатите сигнализираат за потребата од промена во пристапот за едукација на пациентите. Здравствените работници, како и  едукативните материјали би требало да се насочат кон убедувањата на пациентите, односно кон посочување на заблудите што  пациентите ги имаат околу употребата на антибиотиците.

Истражувачите се надеваат дека  примената на ваква стратегија во клинички услови ќе доведе до редукција на прекумерното препишување на антибиотици.

Поддржете ја нашата работа: