Помеѓу многуте опасности што ги демнат астронаутите, најголема е космичката радијација. Таа значително го намалува времето што астронаутите можат да го поминат во вселената без да се изложат на поголем ризик по нивното здравје. За да се одреди точната радијација на која се изложени астронаутите при долгорочен престој во вселената, Европската Вселенска Агенција во соработка со истражувачките институции од Германија, Австрија, Полска, Шведска и Русија, го осмислија и спроведоа експериментот МАТРОШКА.
За таа цел бил поставен фантом, кој многу слично го имитирал човечкото тело, опремен со неколку стотици сензори кои ја бележеле вселенската радијација внатре во МВС и надвор, на отворен простор, во текот на неколку години. Анализата на податоците од овој проект сега се комлетирани, а добиените резултати се малку изненадувачки. Тие покажуваат дека вселената не е толку опасна како што се претпоставуваше.
Фантомот-хуманоид кој бил користен за мерење на вселенската радијација, ги симулирал обликот и густината на човечките меки ткива или белите дробови, а во неговата внатрешност биле поставени вистински човечки коски. Тој се состоел од 33 слоја, секој со дебелина од 2,5 см. во кои била поставена опремата за мерење. Опремата се состоела од 6 000 пасивни термолуминисцентни детектори поставени во цевчиња кои сочинувале тродимензионална правоаголна мрежа од мерни точки. Со помош на овој модел, истражувачите можеле точно да ја одредат дозата на зрачење во внатрешноста на фантомот, да ја проценат дозата апсорбирана од одредени органи и да ја одредат вредноста на т.н. ефективна доза која се смета опасна по здравјето.
Главната опасност по здравјето на астронаутите од изложеноста на космичкото зрачење е појавата на канцерогени заболувања. Важно е на каков тип на зрачење се изложени астронаутите. Повеќето природни извори на јонизирачко зрачење на Земјата продуцираат електромагнетни зрачења со висока енергија – гама зраци. Од друга страна пак , во космичките зраци доминираат енергетски протони или потешки јони кои се многу поопасни за создавањето на канцерогени клетки. Бидејќи термолуминисцентните детектори не можат да направат разлика помеѓу овие зрачења, фантомот бил опремен и со детектори со кои можат да бидат измерени протоните и потешките јони. Покрај овие детектори, фантомот кој бил внатре во МВС бил опремен и со дополнителни детектори кои ги симулирале личните дозиметри што ги носеле астронаутите. На тој начин, дозите измерени од личните дозиметри на екипажот на МВС можат да бидат споредени со оние кои се всушност апсорбирани од нивните тела.
Од 2004 до 2009 година, фантомот три пати бил изложен на космичка радијација во треење од една година и повеќе. Два пати бил во рускиот модул на МВС и еднаш надвор од станицата, на отворен простор, поставен во контејнер со истите заштитни својства како и скафандерите од астронаутите. Вакви мерења досега воопшто не биле направени.
Податоците од експериментот МАТРОШКА покажале дека измерената доза од индивидуалните дозиметри од опремата на екипажот, во внатрешноста на МВС, биле за околу 15% повисоки од оние измерени од фантомот, додека на отворен простор овие вредности биле поголеми од 200%.
„Сепак не треба да се заборави дека мерењата во овој експеримент се вршени во блиската орбита на Земјата каде што Земјината магнетосфера значително го намалува космичкото зрачење, додека во интерпланетарниот простор не постои ваква заштита“.
„Од резултатите од овој експеримент може да се заклучи дека патувањето на астронаутите до Месечинта или до Марс, во однос на радијацијата, може да е побезбедно отколку што се претпоставуваше досега, но сепак е доволно опасно“, нагласуваат експертите.