Поблиску до регенерација на нерви

Оштетувањето на нервите кај невродегенеративните заболувања, како Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест, како и повредите на ’рбетниот мозок, во голема мера се сметаат за неповратни.

Сепак, новото истражување што доаѓа од САД можеби ќе направи значајна промена на тоа поле. Истражувачите известуваат дека постигнале напредок во синтезата на редок тип на молекули кои можат да им помогнат на оштетените нервни клетки повторно да растат.

Невротрофини се тип на протеини кои го промовираат развојот на невроните и претходно се испитувани како можно терапевтско средство за лекување на оштетените нерви. Но тие имаат и неколку недостатоци, меѓу кои ниската стабилност и ниското ниво на пенетрација. Вакви невротрофни својства, но без негативните аспекти, исто така поседува и една група природни продукти со мали молекули. За жал, заради комплексноста на процесот за создавање на овие молекули, научниците не беа во состојба да синтетизираат соодветно количество, за да може да се извршат темелни медицински испитувања.

Научниците од Дартмут Колеџот во САД откриле дека преку една нивна неодамна откриена хемиска реакција може да се создадат некои од најмоќните и ретки членови од оваа класа природни продукти. Тие успеале да продуцираат три природни невротрофни продукти и ја демонстрирале практичната примена на новата метода како начин за природна синтеза на овие продукти.

Доколку научниците успеат да ги произведуваат овие продукти во големи количини, тоа може да доведе до создавање на лекови кои ќе им овозможат на нервните клетки да се регенерираат после повреда или заболување.

Поради комплексноста на ова истражување веројатно ќе помине време додека ова големо откритие го пробие патот од лабораторија до реален третман, но претставува голем чекор во таа насока. Иако и досега имаше одреден напредок на ова поле (фински истражувачи во 2009 година успеале да воспостават повторен раст на одредени нерви кај глувци), ова е сепак долг и бавен процес.

Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Journal of the American Chemical Society“.

Поддржете ја нашата работа: