Во месец октомври ќе уживаме во дури три неверојатни метеорски дождови.
Со нетрпение го очекуваме метеорскиот дожд Дракониди кој својот врв ќе го доживее вечерва – на 7 октомври, а ќе може да се забележи и утре – на 8 октомври 2016 година. Овој метеорски дожд го добил своето име по соѕвездието Драко (или Змеј) и се случува секоја година на почетокот на октомври кога Земјата поминува низ остатоците од кометата „21/P Giacobini-Zinner“ – периодична комета која орбитира околу Сонцето еднаш на секои 6,6 години.
Најдобро се гледа од северната хемисфера веднаш по зајдисонцето па се до полноќ.
Токму сега, Земјата поминува низ опашката од остатоци позади Халеевата комета, што иако звучи застрашувачки, всушност не е бидејќи ни го носи спектакуларниот Орионидски метеорски дожд кој ќе трае се до 7-ми ноември.
Дождот ќе го доживее својот врв утрото на 21 октомври кога се очекува да се видат до 20 метеори на час горејќи во атмосферата на Земјата – но поради светлата Месечина во тој период, најдобрата шанса за да се погледне ова е во раните утрински часови, почнувајќи од денеска до 15-ти октомври.
Како што сугерира и самото име, метеорите ќе изгледаат како да потекнуваат од соѕвездието Орион во нашето небо, но ќе треба да можеме да ги видиме без разлика на тоа каде гледаме.
Секоја година, Земјата поминува низ опашката на Халеевата комета два пати – во мај патувавме низ остатоците, предизвикувајќи го метеорскиот дожд ЕТА Аквариди.
Третиот метеорски дожд – Тауриди ќе започне на 30 октомври и ќе може да се забележи до 30 ноември, а својот врв ќе го достигне на 12 ноември. Овој метеорски дожд е поврзан со кометата „2P/Encke“, а името го добил по соѕвездието Таурус (или Бик).
За оние кои се наоѓаат во јужната хемисфера ќе имаат шанса во октомври со свои очи да видат и маглина (небула) – родното место на ѕвездите.
Во текот на овој месец, маглината наречена Тарантула (прикажана на сликата долу) ќе биде видлива веднаш до големите и малите Магеланови облаци – најголемите и најсветлите соседни галаксии од јужната хемисфера.
Исто така, во текот на овој месец – ќе имаме шанса да ги видиме Венера, Сатурн и Марс не само од јужната хемисфера туку од целата планета, на западното небо веднаш по зајдисонцето. Посветете особено внимание на 28-ми октомври кога Венера ќе се појави во редот веднаш до Сатурн.
Доколку пак сте во северната хемисфера, ќе можете да ја видите и Меркур – најмалата планета од Сончевиот Систем, и единствената која покрај Земјата, се смета дека е тектонски активна – појавувајќи се на исток пред зората. Меркур најдобро ќе се гледа во втората половина на октомври, кога ќе се појави и Јупитер околу 11 октомври. Добрата вест е што и двете планети ќе можат да се видат кратко време пред изгрејсонцето.
Исто така, може да бидете сведок и на ретката зодијачка светлина, и иако името звучи малку астролошки, зодијачката светлина е вистински астрономски феномен, познат и како лажна зора.
Ова ќе може да се види далеку од светлата на градот, на места каде што веќе може да го видите Млечниот Пат на ноќното небо. Па, само малку пред да изгрее сонцето на исток, ќе може да видите морничава светлина на хоризонтот, со налик на маглива пирамида од светлина. Овој феномен може да се види од целата планета во септември или октомври, или пак март или април, и е резултат на рефлексијата на сончевите зраци надвор од космичката прашина помеѓу планетите како што Земјата орбитира околу Сонцето.
Значи, без разлика каде и да се наоѓате во светот овој месец, не заборавајте да погледнете кон небото бидејќи вселената ќе ни приреди прилично извонредни работи.