Денеска луѓето на 75-годишна возраст се когнитивно многу поспособни и посреќни од пред 20 години. За сите оние кои се загрижени поради стареењето, еве добри вести: Староста се подмладува!
Повозрасните лица денеска покажуваат многу повисоко ниво на когнитивна функционалност и подобро општо здравје од луѓето на иста возраст од пред 20 години. Ова се наодите од заедничкото истражување на неколку истражувачки институции од Берлин (Универзитет Хумболт, Медицинскиот факултет “Charité“, Институтот Макс Планк и Германскиот социо-економски панел (SOEP)).
Во просек денешната генерација на 75 годишни луѓе се во многу подобра когнитивна форма од истата возраст пред 20 години. Во исто време, денешните 75 годишници покажуваат подобра општа здравствена состојба и поголемо задоволство од животот.
Истражувачите ги поврзуваат овие придобивки со социокултуролошките фактори, како што е образованието. Според нивното мислење, подобрата општа благосостојба се должи и на подобрата физичка подготвеност и поголемата незвисност во постарите години.
Сепак, нагласуваат истражувачите, овие позитивни тенденции се намалуваат кон крајот на животот. Во последната етапа од животот, веројатно е дека ќе дојде до значителен пад и на когнитивните сособности и севкупната благосостојба. Ова е потврдено со истражувањето направено во последните години од животот на старите лица.
Во истражувањето се користени податоците од 708 лица од Берлин, постари од 60 години на кои им биле тестирани когнитивните функции и е рангирана нивната севкупна здравствена состојба. Податоците биле споредени со податоците од претходно вакво истражување од почетокот на 1990-та година и откриени се 161 „статистички близнаци“ кои главно се состоеле од едно лице од ист пол од секое од двете истражувања, кои биле најмногу слични по години и ниво на образование.
Факторите како што се дијагностицираните болести, исто така се земени предвид. Просечната возраст на овие споредбени двојки била 75 години (најмладиот бил на возраст од 65, а најстариот 89 години). За проверка на споредливоста, во пресметките биле земени информациите од „SOEP“ истражувањето од Германскиот Институт за економско истражување каде се собрани податоци од репрезентативна популациона група за 30 години.