Подобри вакцини против грип


Истражувачите од Универзитетот во Базел, Швајцарија, работеле со примероци од крв на пациенти кај кои е извршена трансплантација на органи. Поради употребата на имуно-супресивни лекови кои се користат за да се превенира отфрлањето на органите, кај овие пациенти е зголемен ризикот од инфекции и вакцините генерално не делуваат добро.

Истражувачите прават напори за да ги подобрат вакцините за пациентите со трансплантирани органи, како и за останатите пациенти со ослабен имунолошки систем. Примероците користени во ова истражување се земени од клиничките тестирања на разни верзии на вакцините за грип кај пациенти кои се на имуно-супресивни лекови.

Бидејќи претходните истражувања укажувале на тоа дека различни алели (верзии) од генот „IL-28B“ влијаат на имуниот одговор, истражувачите утврдувале кои алели ги носи пациентот со трансплантиран орган. Како и за повеќето гени, секое лице има две копии од генот „IL-28B“. Во конкретниов случај, едната варијанта, Т -алелата, е почеста и од 196 пациенти, 135 имале две копии од Т-алелата. Од останатите 61 пациенти, 54 имале една копија од Т-алелата, а една од малата Г-алела. Седум пациенти имале две копии од Г-алелата.

Истражувачите откриле дека кај лицата кои имале барем една копија од малата алела, поверојатна била појавата на сероконверзија (т.е. имале забележливи антитела против одреден тип на грип) после вакцинацијата. Разликата била особено видлива кај лицата кои земале високи дози на имуно-супресивни лекови. За да утврдат како различните алели влијаат на имуниот одговор на вакцината, истражувачите подетално ги испитале имуните клетки на 47 пациенти (од кои 34 имале две големи Т-алели, а 13 имале барем една мала Г-алела).

Откриле значителни разлики, после вакцинацијата, во продукцијата на имуно-модулаторите кои го одредуваат типот на одговор на Т-клетките и разлики во продукцијата и ширењето на антителата од Б-клетките. Додавањето повеќе „IL-28B“ во просторот на раст на Т- и Б- клетките, правело клетките да се однесуваат повеќе како оние што се носители на големите алели, со забележлива редукција на активацијата на Б-клетките и продукцијата на антитела.

За да утврдат дали овие резултати се релевантни и за лицата кои не земаат имуно-супресивни лекови, истражувачите извршиле испитување на здрави доброволци (од кои 28 со големи Т-алели и 21 со барем една мала Г-алела). Откриле дека носителите на малите алели имале посилен имун одговор на антителата, како резултат на помалата продукција на генот „IL-28B“. И кога извршиле пред -третман на имуните клетки од вакцинираните носители на големи алели, со молекула што го инхибира рецепторот што нормално е стимулиран од „IL-28B“, откриле посилен одговор од антителата откако клетките биле стимулирани со вакцината за грип.

Заклучокот на истражувачите е дека „IL-28B“ претставува клучниот регулатор на  имуниот одговор при вакцинацијата против грип. Тие сугерираат дека блокадата на  рецепторите на „IL-28B“, може да понуди нова стратегија за зајакнување на имуниот одговор при вакцините против грип и останатите вакцини, па оттука и да отвори нови патишта за развој на нови додатоци на вакцините и имунотерапевтските лекови.

Поддржете ја нашата работа: