Северниот и Јужниот Пол на Земјата не се толку стабилни како што изгледаат на мапите. Како што Земјата се врти околу својата оска, така половите постепено се движат.
Во поголемиот дел од 1900-тите години, Северниот Пол се движеше западно, околу 10 см годишно кон заливот Хадсон на Канада. Но, во 2000-та година, мистериозно ја смени насоката за 75 степени на исток и почна да се движи кон Велика Британија, со речиси двојно поголема брзина (околу 17 см годишно). Сега, научниците на НАСА конечно открија зошто.
Научниците користеле податоци од сателитите „GRACE“ на НАСА за да видат дали водената маса на планетата е поврзана со оската на ротирање на Земјата, и откриле зачудувачки силна поврзаност. Всушност, влијанието е толку големо што кога ги користеле промените на водената маса на земјата за да ја предвидат позицијата на Северниот и Јужниот Пол помеѓу 2003 и 2015 година, резултатите совршено се поклопиле со реалните податоци.
Тоа значи дека главни виновници се климатските промени и топењето на мразот на Гренланд, кои предизвикуваат промена на распределбата на тежината на Земјата. А главни виновници за климатските промени сме ние – луѓето.
Но, покрај тоа, научниците покажале дека промените во Гренланд сами не се доволни за да ја повлечат оската на ротирање на Земјата толку далеку на исток. Тие пресметале дека нешто источно од Гренланд дополнително го влече Северниот Пол, а тоа нешто е дефицитот на вода во Евроазија, поточно Индискиот потконтинент и областа на Каспиското Море.
Иако загубата на водата во овие области не е ни приближно толку голема како промените што се случуваат на Арктикот, научниците откриле дека оската на ротирање е особено чувствителна на промените што се случуваат на географска должина од околу 45 степени – и северно и јужно, поради што промените во Индија имаат особена важност.
Добрата вест е тоа што нема потреба за загриженост бидејќи ова движење не влијае на нашите секојдневни животи, но мора да се земе предвид за да се добијат точни резултати од ГПС системите, сателитите кои ја набљудуваат Земјата и опсерваториите на Земјата. Покрај тоа, ова е само уште еден доказ за тоа колку реално и длабоко е човековото влијание на планетата.
Тоа што сега знаеме што ја контролира насоката и движењето на половите значи дека имаме поголем увид во содржината на водата и можеме да го предвидуваме нивното движење во иднина.
Истражувањето е објавено во „Scientific Advances“.