Ако продолжи сегашниот тренд, за нешто повеќе од три децении, половина од населението на Земјата ќе биде кратковидо, а една петина од нив ќе се соочи со зголемен ризик од целосно слепило. Ова се наодите едно ново истражување.
Тоа е седумкратно зголемување на кратковидоста од 2000 до 2050 година, но и покрај тоа што состојбата рапидно се зголемува, научниците сѐ уште не можат да се сложат што ја предизвикува. Најлесно би било оваа т.н. епидемија на кратковидост да се поврзе со сегашната опседнатост на луѓето со комјутерските и екраните на мобилните телефони, но работите не се толку едноставни.
Во периодот од 1970-тите до почетокот на 2000-те години, бројот на случаи со кратковидост во САД двојно се зголемил, додека во одредени делови во Азија овој пораст е уште подрастичен. Една неодамнешна анкета покажала дека околу 96% од тинејџерите во Јужна Кореја се кратковиди, а во Сингапур, Кина и Јапонија овој процент се движи помеѓу 80 и 90.
Меѓународен тим од истражувачи, разгледувајќи ги случаите со кратковидост во минатите неколку децении, излезе со извештај во кој се изнесени предвидувањата за во иднина.
Анализите на податоците од 145 истражувања, со кои биле опфатени 2,1 милиони лица, покажале дека во 2000 година околу 22,9% од населението биле кратковиди, од кои 163 милиони лица имале голема кратковидост, што пак претставува зголемен ризик од слепило и катаракта.
„Предвидуваме дека до 2050 година, 49,8 проценти од светската популација ќе биде кратковида, од кои 938 милиони луѓе со висока кратковидост“- заклучуваат истражувачите во извештајот што беше објавен во списанието „Ophthalmology“.
Што се случува?
Ако само се погледне за колку кратко време ова стана проблем, изгледа многу веројатно дека наглото зголемување на бројот на кратковиди е поврзано со промените во начинот на живот што се случија во последните неколку децении. Истражувачите ја посочуваат урбанизацијата која доведува луѓето сѐ помалку време да поминуваат надвор, како и „активностите на кратко растојание“, како што се паметните телефони и компјутерските екрани. Сепак, истражувачите сѐ уште не можат да ги посочат биолошките механизми кои се одговорни за вакви драстични физички промени во структурата на очите.
За среќа, во овој случај не е неоходно да се знае точната причина за кратковидоста за да се одредат ефикасни превентивни мерки. Истражувањата што ја поврзуваат кратковидоста со активностите во затворен простор покажуваат дека добри резултати се постигнуваат ако децата поминуваат повеќе време надвор.
„Истражувани се повеќе интервенции, но се покажа дека децата најдобро ќе се заштитат ако поминуваат два и повеќе часа во активности на отворено“- вели еден од авторите на истражувањето Ковин Наидо за „The Huffington Post“.
За повеќе информации погледнете го видеото, но прво прошетајте малку низ населбата – за да не влезете и вие во оваа статистика!