Порано имало повеќе жени отколку мажи

Според едно истражување, низ човековата историја, женската популација била поголема од машката. За анализа на демографската историја на машката и женската популација ширум светот, истражувачите користеле нова техника која овозможува да се добијат попрецизни информации поврзани со генетскиот материјал на таткото.

Истражувањето прави споредба помеѓу Y- хромозомот што се наследува од таткото (NRY) и митохондријалната ДНК (mtDNA) што се наследува од мајката. Биле опфатени 623 мажи од 51 популација. Анализата покажала дека женската популација била поголема пред миграцијата надвор од Африка и останала речиси непроменета во текот на сите останати миграции.

Главни двигатели на овој тренд веројатно биле процесите како полигамија, каде еден маж се поврзува со повеќе жени, како и фактот дека во многу општества жените имаат тенденција да се преселат и да живеат кај своите мажи. Ова резултирало со поголем генетски придонес на жените во глобалната популација, отколку на мажите.

Претходно истражување на генетската историја каде е користена друга техника за анализа на „NRY“ и „mtDNA“ покажало непрецизност во резултатите. Во ова истражување, истражувачите од Институтот за еволутивна антропологија „Max Planck“ развиле техника на секвентирање на Y-хромозомот со висока резолуција, што им овозможило да добијат татковска и мајчинска историја со сличен квалитет и резолуција, како би можеле да направат директна споредба.

Добиените резултати ги потврдиле претходните наоди, дека кога ќе се споредат човечките популации на глобално ниво се покажуваат поголеми разлики во татковската „NRY“, отколку во „mtDNA“. Сепак овие разлики не се толку големи како што претходно се мислеше, па авторите биле изненадени кога виделе значителна варијација во однос на количината на разликата на „NRY“ наспроти „mtDNA“ на регионално ниво.

Авторите тврдат дека новата техника овозможува анализите спроведени на регионално ниво да дадат појасна слика за татковското и мајчинското влијание на специфично одредена популација. Кај африканската популација што ја испитувале, истражувачите откриле пониска татковска генетска разновидност, што веројатно е директен резултат на Банту-експанзијата во источните и јужните делови од Африка што започнала пред околу три илјади години.

Првичните резултати од примероците земени од Америка покажуваат поголема мајчинска генетска разновидност што индицира дека помеѓу првите колонизатори имало повеќе жени отколку мажи.

„Новата техника на секвентирање овозможува да се добие подобар увид во нашата генетска историја, како и регионалните популациони разлики и влијанието на полот врз човечките генетски варијации”, велат истражувачите. Истражувањето е објавено во „Investigative Genetics“.

Поддржете ја нашата работа: