Погребот е збир од повеќе погребни ритуали кои зависеле од социјалниот слој на починатиот. Се верувало дека од погребот зависи дали починатиот ќе продолжи да живее задгробен живот или ќе остане “изгубена душа”.
Погребот на сиромашен Египќанин се состоел од мумификација и закопување во гроб, откако телото некое време ќе отстои во битумен или сода бикарбона и ќе се замота во платно. Гробот на сиромашниот Египќанин нема одредено место, тоа може да биде пештера, обична дупка или место во пустината каде стои закачен стап за кој се верувало дека починатиот ќе се потпре, а сандалите ќе му ги заштитат стапалата на неговото последно патување.
Негови лични работи се оставале на телото на починатиот, меѓу кои и амајлија за која верувале дека треба да го заштити од демонот во другиот свет.
Погребот на кралот, член од кралското семејство или богат Египќанин, од друга страна бил огромна церемонија.
Грчкиот историчар Диодор Сицилски за тоа зборува вака:
“Секој жител на Египет ќе плаче и ќе завитка дел од својата облека доколку кралот на Египет умре”.
Храмовите тогаш биле затворени, не се принесувале жртви, и не се организирале никакви прослави 72 дена. Во тој период од два и пол месеци групи од по 200-300 мажи и жени шетале по улиците бесцелно, со кал на главата и облека заврзана во чворови, пеејќи погребни песни во чест на мртвиот. За време на тој период се воздржувале од јадење на пченица, месо, вино и деликатеси. Тие денови ги поминувале во тагување, слично како она мајка за своето чедо.
На 72 ден, телото на починатиот го ставале во саркофаг и го поставувале на влезот на гробницата. Тој ден се извршувал последниот суд на душата на починатиот според делата кои ги правел додека живеел.
Секој жител се приближувал до покојниот и гласно ги кажувал неговите дела – добри или лоши. Потоа свештениците одржувале посмртен говор и ги набројувале добрите дела на покојниот. Доколку мислењето на поголемиот дел од жителите не се сложуваат со зборовите на свештените лица, т.е. кралот владеел на лош начин, тогаш на кралот му бил скратен достоен погреб според египетските верувања.
Смртта за Египќаните не претставувала крај на постоењето, туку само мала пречка во постоењето.
Човечкото тело низ животот се сметало за бојно поле на кое добрите и лошите духови се бореле за власт. Бидејќи телото на човекот не е бесмртно, тие правеле бројни ритуали темелени на нивните верувања дека барем душата оди на добро или лошо место.
Египќаните веруваат дека смртта преживува 4 дела од човекот: душата, духот, сенката и двојникот. Двојникот останува во гробницата и ја напушта истата единствено при потрага за храна. Тој понекогаш ја чувствува својата самотија и оди да ја измачува фамилијата која го заборавила.
Душата брза кон вагата на Озирис, од каде ако е чиста и добра оди на полето на благодата, место на плодноста каде расте висока пченица т.н. рајот каде бесмртноста ја поминува во гозба, песна, разговор и игри.
Египќаните го замислувале светот на мртвите на небото на ист начин како и подземниот свет, а тие светови всушност се копија на земскиот живот. За нив подземниот свет не бил пеколот, туку место низ кое душата треба да помине за да отиде на небото.
Амајлиите и магичните испишани формули се важен дел од египетската погребна култура и по правило секогаш можат да се најдат во египетски гроб или гробница.
Срцето се сметало за извор на животот и мислата, па затоа се мумифицирало со посебна грижа. Одделно било балсамирано па се враќало во телото откако телото на 72 ден од смртта ќе помине на последниот суд, што се спротивно од перјата на божицата Маат кои претставувале закон и правда.
Една египетска легенда вели дека богот Ра, кога заминал од местото на владетел на земниот свет, оставил писание како аманет кое има моќ на магија и кое ќе ги одбрани жителите од змии и други влекачи, бидејќи Ра бил каснат од змија, а Изида го спасила со следните зворови:
“Течи отрову, излези од богот Ра.Око Хорусово, излези од Ра и почни да сјаеш надвор од неговата уста. Тоа сум јас, Изида, онаа што ова го прави и направи отровот да падне на тлото. Навистина на големиот Бог му е одземено името, Ра ќе живее и отровот ќе умре. Ако отровот поживее – Ра ќе умре”.
Во 19ти век, мумиите биле екстраваганден подарок, но не во облик во каков ние го препознаваме, туку како црна материја, слична на битумен која на Арапите тогаш им вредела повеќе од злато, бидејќи наводно лекувала инстантно од секоја болест. Така англиската кралица во 1809 година добила ваков подарок од кралот на Персија, дел од истата мумија и припаднал на руската царица.
Египќаните практикувале балсамирање од околу 4000 година п.н.е до 700 година од новата ера. Притоа користеле ароматични супстанци освен темјан кој бил забранет при балсамирање на лица од високата класа од некоја непозната причина. Најверојатно затоа што бил најефтин па се користел за балсамирање на сиромашните.
Човечкото тело за нив претставувало брод со кој плови душата во текот на животот и после смртта па затоа настојувале да го зачуваат што подолго со процес на мумификација. Со сите обреди настојувале да постигнат вечен живот, бидејќи смртта е човековиот непријател од почетокот на времето. Така старите Египќани низ својата битка за вечност, запечатиле дел од своето време во простор и ни дадоа на подарок непроценлив предмет за проучување кој не изненадува и воодушевува до ден денес.
Книгата на мртвите е колекција од молитви, песни и магии кои се читаат на починатите на неговото патување во задгробниот живот. Оваа книга ги содржи најстарите верски записи на светот, па се вели дека таа е претхристијански божествен зборник.
Посветена е на богот Ра, како инспирација на светиот дух за нејзиното постоење. Попрецизен наслов за книгата на мртвите со оглед на нејзината содржина би требало да биде “Ритуалот на Воскресението”.
Книгата на мртвите се ставала во ковчегот или саркофагот на починатиот за да ја има со себе во задгробниот живот. Напишана била на папирус, делови од неа биле напишани на амајлиите, саркофагот, завоите, ѕидовите на гробницата и на другите предмети за кои се верувало дека покојниот ги носи со себе во задгробниот живот.
Починатиот влегува во светот на мртвите носејќи ја со себе Книгата на мртвите која содржи зборови за вистината на животот. Тогаш се одредува до кој степен починатиот се држел до неа и колку се борел против злото со нејзина помош додека живеел. Неговиот живот, кој исто така е запишан, се става на вагата на Озирис и се споредува со зборовите на вистината и животот, па се одредува дали покојниот ја исполнил својата задача и заслужува вечен живот. Тоа се нарекувало “Судниот ден”.