Постои ли живот на Плутон?

Кога станува збор за нов живот, речиси секогаш помислуваме на Марс и Европа. Сепак новите форми на живот можеби не чекаат на крајот на Сончевиот систем.

Анализите кои ги направи леталото „New Horizons“ упатуваат на можноста од постоење на течен океан под тенката површина на Плутон, што теоретски може да значи постоење на некаква форма на живот на оваа џуџеста планета.

Професорот Вилијам МекКинон од Универзитетот Вашингтон во Сент Луис е автор на две студии за Плутон, објавени во списанието „Nature“. Тој се занимава со прашањето за постоење на микроорганизми на Плутон, доколку на планетата навистина постои океан.

„Наше мислење за океанот на Плутон е дека всушност неговиот состав е солена течност, полна со амонијак налик на сируп. Откривме амонијак на големата месечина на Плутон –Харон и со тоа претпоставуваме дека го има и на Плутон”, се вели во соопштението на професорот.

Плутоновиот природен базен е долг дури 960 км, широк 400 км, длабок 3,2 км и е наречен „Sputnik Planitia“. Но, се поставува прашањето, како е можно Плутон, кој е 40 пати подалеку од Сонцето отколку Земјата, да има било каква течна состојба?

Научниците објаснуваат дека таа џуџеста планета се’ уште има доволно радиоактивна топлина во себе, што ја држи водата во течна состојба под својата површина.

„Претпоставките за океанот на Плутон се можни но се’ уште сиромашни со докази. Ако навистина сакаме да го потврдиме постоењето на океанот, ќе мораме дополнително да истражуваме. Останува на новите генерации да продолжат онаму откаде застана „New Horizons”– вели МекКинон.

Ако навистина постои живот на Плутон, тој сигурно нема да биде онаков каков што го знаеме ние. „Формите на живот кои ние ги познаваме можат да толерираат екстремен студ, топлина и сол, но не и голема количина на амонијак, кој му е потребен на Плутон за да спречи замрзнување на таков океан”.

Додека моретo од метан на Сатурновата месечина Титан повлекува прашања од необични и фантастични приказни, како на пример „Дали е возможен живот во тие егзотични и ладни течности”, ние имаме уште многу интересни работи за откривање пред нас.

На крајот на Сончевиот систем постојат многу ледени објекти, но ако океанот може да опстане на Плутон, прашањето би било: „Што не чека во иднина”?

Поддржете ја нашата работа: