„Хормонот на љубовта“ сличен со алкохолот

Ова поттикна серија истражувања кои покажаа дека окситоцинот има потенцијал да ја зголеми социјалната интеракција. Но, еднo ново истражување покажува дека хормонот е всушност многу сличен со алкохолот, кој е исто така познат како добар „поддржувач“ на дружбата. Исто како алкохолот, и окситоцинот има своја „темна страна“ .

Во првото истражување направено во 2005 година, од волонтери било побарано да вложат пари во некој анонимен доверител чија чесност не можела да биде гарантирана. Луѓето кои примиле доза од окситоцин вложиле повеќе, за разлика од тие кои добиле плацебо – што значи биле подоверливи. Следни вакви експерименти исто така покажале дека окситоцинот прави луѓето да бидат сочувствителни, великодушни и полесни за соработка.

Покрај ова, се чини дека окситоцинот, исто така, ја поттикнува верноста. Ова било многу јасно докажано преку интензивно проучување на две групи на глодари. Едната група позната по моногамноста, каде спарените двојки заеднички го градат живеалиштето и се грижат за потомството; и друга група каде мажјакот ја напушта женката со младенчињата и се пари со друга женка.

Двете групи покажале различна чувствителност на окситоцин, но експериментите каде се зголемувала чувствителноста на окситоцин преку зголемување на дозата на хормонот или со блокирање на рецепторите во мозокот, покажале дека однесувањето на животните навистина се менува и промискуитетните мажјаци станувале грижливи родители.

Кај човекот се покажало дека окситоцинот ги инхибира мажите, кои се во врска, да им приоѓаат на други атрактивни жени, ги подига активностите во мозокот кои се поврзани со задоволство, кога ќе го видат лицето на својата партнерка во споредба со други атрактивни жени и на паровите им помага позитивно да ги решаваат конфликтите.

Заедно со другите ефекти, главно во формирањето на врската мајка-дете, се чини дека розевиот сјај на „хормонот на љубовта“, не познава граници и јасно покажува дека неговата примена може да помогне да се зацврсти и да се одржува романтичната врска. Ефектите што окситоцинот ги има во олеснувањето на социјалната комуникација го прават можно терапевтско средство за пациентите што имаат проблеми во социјалните интеракции, вклучувајќи ги тука и лицата со аутизам, шизофреничарите и лицата со други  растројства во однесувањето. Покрај тоа, окситоцинот е лесен за користење. Сите истражувања на луѓе за подигање на нивото на окситоцин се правени со интраназални спрејови. Овие спрејови се лесно достапни, може да се набават и преку интернет и се покажале безбедни за користење, барем на краток рок – не е познато дали предизвикува некаква штета при долгорочна употреба.

Сепак во последните години, загриженоста што ја искажаа некои истражувачи, го намали ентузијазмот за употреба на окситоцинот како терапевтско средство.

Неколку неодамнешни истражувања покажале дека позитивните ефекти на окситоцинот се многу послаби, па дури и штетни кај оние лица на кои би требало најмногу да им помогне. За разлика од лицата кои немаат проблеми во социјалната комуникација, кај луѓето што се склони кон социјална анксиозност, изложеноста на окситоцин може да доведе до намалување на комуникативноста и доверливоста. Исто така, ја зголемува склоноста кон насилство кон интимните партнери. Иако ова се јавува само кај лица кои генерално се понасилни, тоа се всушност истите лица кои би требало да имаат најголема корист од неговата употреба.

Овие парадоксални ефекти е тешко да се објаснат, особено кога и механизмите на делување во мозокот се’ уште се недоволно јасни. Но едно ново истражување може да помогне да се најде одговорот. Истражувачите од Универзитетот во Бирмингем, се обиделе да го решат овој проблем преку споредување на истражувањата за ефектите од окситоцинот и за ефектите од алкохолот и биле многу изненадени од неверојатната сличност на овие две компоненти.

Исто како и окситоцинот, и алкохолот ги има истите позитивни ефекти кога се работи за социјалната комуникација. Тој ја зголемува великодушноста, го поттикнува поврзувањето во рамките на одредена група и го инхибира стравот, вознемиреноста и го намалува стресот. Но, се разбира, акутното конзумирање на алкохол има и свои негативни страни. Покрај здравствените проблеми при негова хронична употреба, алкохолот влијае на моралните одлуки, го зголемува ризичното однесување и ја зголемува агресивноста. Агресивноста, исто како и кај окситоцинот, се јавува само кај лицата кај кои веќе постои предизпозиција за тоа.

Истражувачите тврдат дрка ваквата зачудувачка сличност во однесувањето што го преизвикуваат окситоцинот и алкохолот, зборува за биолошките механизми што се вклучени во овие процеси. Иако, окситоцинот и алкохолот таргетираат различни рецептори во мозокот, се чини дека активацијата на тие рецепотори предизвикува аналогни психолошки ефекти. Покрај тоа, тие забележиле и сличности во делувањето и со  други соединенија, како што се бензодијазепините, кои обично се користат за третирање на анксиозноста. Сознанијата за тоа на кој начин една хемикалија ги предизвикува ефектите, може да помогне да се разберат и останатите.

Но, ако ова ново толкување е точно, тоа може да е показател за постоење и на други лоши карактеристики, што можат да го „затемнат“ сјајот на „хормонот на љубовта“. Во најмала рака, тоа би требало да биде причина да се направи внимателна проценка пред да почне да се употребува како лек.

Поддржете ја нашата работа: