Потребно ли е да се земаат антибиотици до крајот на терапијата?

Една група од истражувачи ги пишуваат своите наоди во едно од највлијателните списанија за интерна медицина BMJ, при што ја доведуваат во прашање сегашната пракса за препишување и земање на антибиотици.

Засега се практикува земање на антибиотици точно толку време, колку што изнесува терапијата. Имено, истражувачите тврдат дека не постојат доволно докази кои би ја потврдиле тезата дека со прекинување на антибиотиците пред крајот на третманот, телото гради отпорност на антибиотици.

Наместо тоа, истражувачите велат дека треба подетално да се истражат други стратегии за земање на антибиотици, како што е на пример, прекинување со терапијата во моментот кога пациентот ќе почне да се чувствува подобро.

Истражувачите велат дека намалената употреба на антибиотици е клучен чекор во борбата против растечкиот проблем со отпорноста на антибиотици. Од друга страна пак, општите лекари советуваат, пациентите да не ја менуваат својата пракса врз основа на само една студија.

Професор Martin Llewelyn, од Медицинскиот факултет во Брајтон и Сасекс, и неговите колеги, аргументираат дека непотребното долгорочно земање на антибиотици, го зголемува ризикот од развивање на отпорноста.

Llewelyn вели дека има многу докази кои велат дека терапиите во траење од три до пет дена се еднакво делотворни за повеќето заболувања. Тој признава дека постојат исклучоци, како што е препишувањето на само еден вид на антибиотици за лекување на туберколоза и ХИВ. Во тие случаеви, отпорноста на антибиотици често се развива премногу брзо.

Професор Хелен Стоукс Лампард, претседател на Здружението на општи лекари во Велика Британија, тврди дека е важно да се земат во предвид новите докази, но никако пациентите не смеат да ја менуваат својата пракса врз основа на само една студија. Сепак антибиотиците не се препишани по случаен избор, туку се даваат зависно од конкретната ситуација на пациентот.

Поддржете ја нашата работа: