Потврдена функцијата на германскиот фузиски реактор

Кон крајот на минатата година, од страна на научниците на германскиот институт „Max Planck“, беше лансиран гигантскиот фузиски реактор кој доколку правилно работи има потенцијал да направи пресвртница во потрагата за обновлив извор на енергија. Сега научниците и официјално потврдија дека машината навистина работи!

Ова значи дека еден ден, таков сличен модел може да стане бескраен извор на чиста обновлива енергија. Името на овој револуционерен експериментален фузиски реактор е „Wendelstein 7-X (W-X 7)“. Научниците го градат скоро две децении, а потрошени  се речиси една милијарда евра.

Сето ова е резултат на сонот на секој физичар и енергетичар – процесот на нуклеарна фузија, која ќе биде од голема важност за човештвото. Процесот е истиот кој се случува и во внатрешноста на ѕвездите, како и нашето Сонце, кое енергијата ја создава со спојување на јадрата на атомите (а не со нивно разбивање, како во фисионите реактори).

Предностите би требало да бидат огромни, затоа што фузијата како гориво може да користи водород, кој се произведува лесно и евтино, а притоа не создава никакви радиоактивни нус-производи.

На фузијата се работи веќе 60 години, а како најуспешен фузиски реактор се покажал моделот „Tokamak“ кој има форма на крофна. Иако резултатот не му бил доста успешен бидејќи му треба извор на енергија однадвор, на него се’ уште се работи. Затоа кај успешниот реактор „W 7-X“ се користел неопходниот дизајн на „stellarator“.

Во овој тип на реактор, плазмата се држи во облик на превртени ленти поради неправилно поставените магнети. Целта е енормно загреаната плазма, (слично на температурата од Сонцето) непрекинато да одржува температура потребна за нуклеарната фузија, а предноста пред моделот „tokamak“ би била поголемата комерцијална исплатливост поради можност за помали и поефтини конструкции.

Оваа вест е возбудлива заради технолошката комплексност на процесот на фузијата, за разлика од процесот на фисија, кој долго време се користи во нуклеарните централи во светот.

Поради тоа, на сонот за фузија ќе почекаме уште некое време, а до тогаш ќе продолжи натпреварот помеѓу „W 7-X“, како претставник на стелаторите (кој е планирано да користи деутериум наместо водород во иднина) и „ИТЕР“ кој во моментов се гради во Франција, како токамак модел.

 

Поддржете ја нашата работа: