Каде има повеќе бактерии ? Во нашите куќи или надвор ?

Најчесто мислиме дека нашите домови се чисти, а дека надвор е нечисто, но се чини дека внатрешноста на нашиот дом всушност содржи могу повеќе различни микроорганизми од надвор. Ова го покажуваат наодите на едно истражување со кое биле испитувани бактериите и габите од 1.200 домови во САД.

Биодиверзитетот почнува дома

Некои од микроорганизмите во нашиот дом се опасни, може да предизвикаат болести или алергиски реакции. Други пак, се корисни и им помагаат на децата да развијат здрав имун систем и да спречат појава на алергии подоцна во животот. Во секој случај, тие се важен дел од нашите животи и важен фактор за нашето здравје. Сепак, сѐ досега, сме имале многу ограничено разбирање околу нормалната популација на бактерии кои живеат во нашите домови.

За да одговорат на ова прашање, истражувачите направиле научен проект наречен „Дивиот свет во нашите домови“. Биле собирани примероци од прашина од 1200 куќи од континенталниот дел во САД.

Според извештајот на научниците што беше објавен во „Proceedings of the Royal Society“ секој дом има свој микробиолошки екосистем, кој јасно се разликува од микробиолошкиот екосистем што се наоѓа надвор. Во микробиолошките екосистеми во внатрешниот простор има за 50 проценти повеќе различни видови од надвор. Надвор, само неколку видови  доминираат во целиот екосистем, но во затворен простор, истражувачите откриле цела колекција од разни габи и бактерии.

Повеќето видови на бактерии кои го сочинуваат уникатниот микробиолошки екосистем во домовите, всушност доаѓаат од луѓето и животни кои живеат во домот. Телото е преполно со разновидни популации од бактерии, кои што научниците ги нарекуваат микробиома. Во текот на денот, вашето тело во вашата околината исфрла бактерии од кожата, устата, па дури и од вашиот измет. Како резултатот на тоа и вашиот дом има своја микробиома.Тоа е  заедница што ја сочинуваат бактериите од сите што живеат тука и претставува   микробиолошки потпис на вашето семејство.

Кучиња и мачки

Во ова се вклучени и вашите миленици. Всушност, кучињата се најважниот фактор во микробиолошката разновидност во домот. Само врз основа на видовите на бактерии присутни во домашната прашина, истражувачите можеле да предвидат со 92 проценти точност дали во домот живее куче, а во 83 проценти од случаите можеле да предвидат  дали таму живее мачка. Тоа е затоа што и домашните миленици, исто така, имаат свои уникатни микробиоми.

Истражувачите откриле 56 родови на бактерии кои се почести во домовите со кучиња и други 24 родови кои се почести во домовите со мачки. Повеќето од нив се бактерии кои нормално живеат во устата или изметот на милениците, што звучи грозно, но научниците велат дека тоа, всушност, не е лоша работа. Од повеќето од бактериите што ги носат вашите миленици  не може да се разболите, а можат да бидат корисни на долг рок. „Постојат некои докази дека изложувањето на микробите од кучето, всушност, може да биде од корист за децата, ја намалуваат склоноста кон појава на алергии”, вели коавторот на истражувањето, Натан Ферер

Бактериите и полот

Се разбира, и луѓето имаат свој удел во микробиолошката заедница во секој дом, а истражувачите велат дека врз основа на бактериите во домашната прашина, може да се предвиди полот на луѓето кои живеат во домот.

Домовите со повеќе мажи отколку жени имаат повеќе кожни и фекални бактерии. Оваа разлика делумно се должи на биологијата; машката кожа вообичаено има поголема популација од кожната бактерија „Corynebacterium“, на пример, а истражувачите велат дека машкто тело природно исфрла повеќе бактерии отколку женското.

Од друга страна, домовите со повеќе жени од мажи имаат повеќе „Lactobacillus“, род на бактерии во кои се вбројуваат неколку од видовите кои се дел од вагиналната микробиома.

Габите околу нас

За разлика од бактериите, повеќето од габите во домот доаѓаат од надвор, така што типот на габи во домот зависи од климатските услови каде што живеете. Бидејќи скоро една третина од габите што биле пронајдени во домашната прашина се потенцијални алергени, истражувачите велат дека регионалните разлики во составот на габите од домашната прашина ги објаснуваат и регионалните разлики во алергиите.

Популацијата од габи во домот зависела од староста на куќата, дали има подрум и дали во куќата живее куче.

Живот со микроорганизмите

Истражувачите се надеваат дека подобрата претстава за микроорганизмите што ги населуваат домовите ќе помогне подобро да се разбере влијанието на животната средина врз нашето севкупно здравје. Бидејќи како што нагласуваат истражувачите, домувањето станува сѐ поурбано, влијанието од микроорганизмите во домовите , станува сѐ поголемо.

А за оние кои се загрижени за микроорганизмите со кои го делат домот, истражувачите нудат малку дрзок совет – „Ако сакате да ги промените габите на кои сте изложени во вашиот дом, тогаш преселете се во друг дом (по можност што подалеку), а ако сакате да ги промените бактериите во домот, тогаш ќе треба да ги промените тие со коишто живеете во домот“- велат истражувачите.

Поддржете ја нашата работа: