Повеќето ѕвезди во Млечниот Пат имаат планети погодни за живот

Преку анализата на овие планетарни системи, истражувачите од Националниот Универзитет во Австралија и Институтот „Niels Bohr“ во Копенхаген, ја пресметаа можноста за ѕвездите во Млечниот пат да имаат планети погодни за живот. Според пресметките, милијарди ѕвезди во нашата галаксија најверојатно имаат од една до три планети погодни за живот, каде што има потенцијал за вода и би можело да постои живот.

Со помош на Кеплер – сателитот на НАСА, астрономите открија 1 000 планети околу ѕвездите во Млечниот Пат и уште околу 3 000 други потенцијални планети. Многу од нив имаат планетарен систем со 2-6 планети, но можно е да имаат и повеќе.

За да го откријат тоа, истражувачите користеле метод стар 250 години кој е наречен законот на Титиус и Боде, според кој постои одреден однос помеѓу периодите на орбитирање на планетите во еден сончев систем, односно односот помеѓу периодот на орбитирање на првата и втората планета е ист со оној на втората и третата итн. Па, ако е познато колку време и е потребно на една планета за да орбитира околу Сонцето/ѕвездата, може да се пресмета истото и за другите планети и на тој начин да се пресмета нивната позиција во планетарниот систем. На овој начин е пресметана положбата на Уран уште пред да се открие.

Така, научниците ја пресметувале потенцијалната положба на планетите во 151 планетарен систем и откриле 228 планети, од кои сметаат дека 77 се приоритет поради големата веројатност да се видат со Кеплер.

Планетите кои орбитираат многу блиску до својата ѕвезда се премногу жешки за да имаат вода во течна состојба и други услови за живот. Оние кои се премногу далеку се премногу замрзнати. Зоната погодна за живот се наоѓа некаде измеѓу, но растојанието не е фиксно. Би зависело од самите ѕвезди, од нивната големина и светлина. Со помош на законот на Титиус и Боде научниците проценуваат дека во зоната погодна за живот има од една до три планети. Само во Млечниот Пат би можело да има милијарди ѕвезди со планети погодни за живот.

Со ова истражување, објавено во научното списание „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society“, научниците сакаат да ги охрабрат истражувачите за повторно да ги анализираат податоците од Кеплер и да ги насочат кон оние планети кои би можеле да се забележат со сателитот.

Поддржете ја нашата работа: