Едно неодамнешно истражување сугерира дека едноставните добри дела и љубезни гестови, како на пример давање насока на некој странец, донирање нешто на оние кои имаат потреба или слично, може да ги одвратат ефектите од стресот.
Ова истражување покажува дека кога им помагаме на другите, исто така си помагаме и себеси.
„Стресните денови водат до лошо расположение и послабо ментално здравје, но нашите откритија сугерираат дека ако правиме мали нешта за другите, толку едноставни како на пример ако некому отвориме врата, нема да се чувствуваме толку лошо во текот на тие стресни денови“, вели Емили Ансел од Школото за медицина при Универзитетот Јеил.
Таа заедно со своите колеги спровела експеримент при кој 77 лица на возраст од 18 до 44 години, со помош на паметни телефони, во рок од 14 дена секојдневно ги пријавувале сите стресни настани кои им се случуваат, без разлика каде или со кого, како се чувствуваат и слично. Бројот на стресни настани истовремено служел како мерка за нивото на стрес. Истовремено, учесниците пријавувале и колку добри дела направиле, без оглед на тоа колку се мали. На крајот, требало да пополнат прашалник кој имал за цел да ги измери нивните емоции и да го рангира нивното ментално здравје на скала од 1 до 100.
Оние кои направиле добри дела имале попозитивни денови од останатите. Покрај тоа помагањето на другите било поврзано со помалку негативни емоции, но немало никаков ефект на севкупните позитивни емоции или ментално здравје. Спротивно на тоа, оние кои не им помогнале на другите имале помалку позитивни, а повеќе негативни емоции за време на стресните ситуации.
Истражувачите велат дека се потребни повеќе истражувања за да се види овој ефект кај повеќе различни популации, како и да се утврди дали самиот чин на правење добри дела може да го подобри расположението и менталното здравје. Во меѓувреме, потрудете се да направите некое добро дело, придржете ја вратата од лифтот на соседот, помогнете им на постарите да ја преминат улицата и слично. Со сигурност ќе се чувствувате подобро!