Жешки савани, висока трева и сезони на монсунски дождови. Тоа што денес е карактеристика за Централна Африка пред повеќе милиони години постоело и на подрачјето на Република Македонија.
Фосилните остатоци пронајдени на неколку локалитети во нашата земја докажуваат дека за време на леденото доба и во вековите што следувале, на нашето копно постоело животинско царство на предисториски ѕверови и џиновски цицачи.
![остатоци од предисториски носорог](https://enauka.mk/wp-content/uploads/2017/02/Foto-2.jpg)
Оној живот што денеска го имаме во Африка, порано бил и на територијата на Република Македонија. Карактеристичната структура на земјиштето, составена од глинест седимент овозможила коскени остатоци на многу праисториски животни со векови да бидат одлично зачувани од штетните атмосферски влијанија.
![остатоци од предисториски слон](https://enauka.mk/wp-content/uploads/2017/02/Foto-1.jpg)
Голем дел од податоците за тој период денеска потекнуваат од едно мало место во источна Македонија. Праисториската гробница во близина на делчевското село Стамер.
Пред околу осум години, ја открил рударскиот инженер Љубе Митевски, кога на површината на земјата случајно забележал една необична појава.
![дипл.инг.Љубе Митевски](https://enauka.mk/wp-content/uploads/2017/02/Foto-3.jpg)
„Тоа беше зимски период, температурите беа под нула и случајно забележав дека од почвата наѕира парче коска. Претпоставував дека е само мал дел или фрагмент од некој фосил. Меѓутоа, подоцна, кога се подобрија временските услови, на теренот го откопавме експонатот. Забележавме дека се работи за голем фрагмент. Бидејќи мене ми предаваше професорот Ристо Гаревски палеонтологија, дел од ископаниот материјал и неколку фотографии му испратив на адреса. За кратко време тие реагираа и дојдоа на самото место. Се констатираше дека се работи за фосилен остаток од жирафа“, објаснува Митевски.
![фосилен остаток од праисториска жирафа](https://enauka.mk/wp-content/uploads/2017/02/Foto-4.jpg)
„Делчево секогаш има интересни работи, пред сè село Стамер. Во 2007 – 2008 година, таму е пронајден нов вид на жирафа што всушност претставуваше една алка којашто ги спојува европското, африканското и азиското копно. Бидејќи тој истиот вид е пронајден и во Африка и во Азија. Тоа нè води до заклучок дека во геолошкото минато овие копна биле споени“, објаснува Билјана Гаревска, кустос-палеонтолог од Природонаучниот музеј во Скопје.
Продолжува…