Предвидувања на соларните бури 24 часа однапред

Короналните експлозии се ерупции на гас и магнетизиран материјал од Сонцето, кои можат да ги уништат сателитите и технологијата со која се поврзани на Земјата, предизвикувајќи пречки во радио врските и прекини во електричната мрежа.

Овие ерупции можат да предизвикаат оштетувања на ГПС- технологијата која ја користат различни видови возила, од автомобилите, танкерите за нафта па до тракторите. На пример, тие може да влијаат на способноста на системите во авионите да ја одредат прецизната оддалеченост на леталото од пистата, оневозможувајќи ги понекогаш авионите да слетаат и по еден час.

Сепак, сите еруппции на Сонцето не предизвикуваат големи промени на Земјата. Силата зависи од ориентацијата на магнетното поле во самата ерупција. Засега, сателитите можат со сигурност да ја покажат ориентацијата на магнетното поле на ерупцијата, кога таа е ралативно блиску до Земјата, што значи, 30 до 60 минути однапред. Тоа време не е доволно за да можат да се ублажат влијанијата врз електричната мрежа и системите кои работат на ГПС.

Со новиот систем на мерење, развиен од научниците од Империјал Колеџ Лондон, ерупциите што можат да бидат штетни за системите на Земјата, ќе можат да се предвидуваат 24 часа однапред. Ориентацијата на магнетното поле во ерупциите зависи од две работи: од нивната иницијална форма кога тие еруптираат од Сонцето и од нивната еволуција додека патуваат накај Земјата. Ерупциите потекнуваат од две точки од површината на Сонцето. и пред да бидат исфрлени во  вселената формираат облак. Овој облак е полн со извртени магнетни полиња кои се менуваат во текот на патувањето. Ако едно од овие магнетни полиња се сретне со магнетното поле на Земјата во одредена ориентација, двете се поврзуваат, „отварајќи врата“ за да може материјата да навлезе и да предизвика геомагнетна бура. За разлика од претходните модели кои се базираат на првичните форми на магнетното поле, со новиот модел на мерење се следи местото од каде потекнуваат ерупциите и со разни опсерватории се следи еволуцијата на облакот.

Истражувачите го тестирале новиот модел на осум претходни ерупции, а резултатите ветуваат голем напредок во предвидување на големи соларни бури кои се приближуваат на Земјата. Ако дополнителните тестирања во НАСА ги потврдат првичните резултати, системот би можел наскоро да се користи од Националната океанска и атмосферска администрација на САД  и од Метеоролошката канцеларија на Велика Британија за предвидувања на геомагнетни бури.

Деталите од оваа техника се опишани во списанието „Space Weather“.

Поддржете ја нашата работа: