Предвидување на ризикот од срцев удар

Со помош на тест, што е посензитивен од тие што сега се користат во болниците и клиниките во САД, истражувачите откриле дека скоро 40 проценти од пациентите со дијабетес тип 2 и со стабилни исхемични срцеви болести, имале абнормални нивоа на протеинот тропонин во крвта. Пациентите со зголемено ниво на тропонин имале две пати поголеми изгледи да починат од срцев удар, мозочен удар, или од други кардиоваскуларни причини во рок од пет години, во однос на пацентите со нормално ниво на овој протеин. Истражувачите, исто така откриле и дека клучната терапевтска интервенција позната како коронарна реваскуларизација што често се користи кај пациентите со срцев удар и абнормален тропонин, не го намалила зголеменото ниво на тропонин кај стабилните пациенти, ниту нивниот ризик од смртоносни срцеви напади.  

Доктор Брендан Еверет, водачот на истражувањето и и неговите колеги, ја мереле концентрацијата на тропонин кај повеќе од 2 200 пациенти кои имале дијабет тип 2 и стабилни срцеви заболувања, со помош на високо сензитивен тест, што се користи во Европа и се испитува за користење во САД. После пет години, 27 проценти од пациентите со абнормални нивоа на тропонин починале од срцев удар, мозочен удар или од други кардиоваскуларни причини, во споредба со 13 проценти од пациентите со нормално ниво на тропонин.

На половина од пациентите што биле вклучени во истражувањето веднаш им била направена коронарна реваскуларизација – процедура со која се отвараат срцевите артерии или со помош на стент или преку бајпас. Сепак, со процедурата не се намалил ризикот од смрт од кардиоваскуларни болести кај овие стабилни пациенти со високо ниво на тропонин, ниту се намалило нивото на тропонин во крвта.

„Знаеме дека високите концентрации на тропонин во крвта се показател дека се случуваат оштетувања во ткивото на срцевиот мускул, но причините зошто се одвиваат овие оштетувања не се потполно јасни. Кај клинички случаи, абнормалното ниво на тропонин обично се интерпретира како состојба на срцев удар, што најчесто го третираме преку отстранување на блокадата во артеријата. Сепак, овие наоди покажуваат дека овие процедури не го намалуваат ризикот од идни срцеви удари или смрт кај овие пациенти“- истакнува д-р Еверет. „Потребни ни се алтернативни стратегии за да се подобри исходот кај оваа група високо ризични пациенти“.

Истражувачите нагласуваат дека натамошните истржувања со кои ќе се утврдт причините за високото ниво на тропонин и зошто ваквите пациенти се со висок ризик од смрт поради кадиоваскуларни заболувања, може да доведат до алтернативни опции за третман и интервенции кај овие пациенти.

Наодите се објавени во списанието „The New England Journal of Medicine“.


Поддржете ја нашата работа: