Преработеното месо е канцерогено. Што точно значи тоа?

Одлуката е донесена од Меѓународната агенција за истражување на ракот, врз основа на прегледот на 800 студии од целиот свет кои покажуваат дека „постојат значителни докази дека конзумирањето на преработки од месо предизвикуваат рак на дебелото црево“.

Црвеното месо е класифицирано како „веројатно канцерогено“, бидејќи сѐ уште не утврдена директна врска помеѓу месото и ракот кај луѓето, но истражувањата покажале силна поврзаност кај лабораториски животни.

Што значи ова за луѓето кои не се вегетаријанци?

Иако оваа класификација е направена врз научни докази, ова сепак не значи дека треба потполно да се откажете од колбасите, сланината или месото за да го избегнете ризикот од рак, а еве и зошто.

Како прво, во преработки од месо спаѓа се што е зачинето, посолено или обработено на друг начин, како што се колбасите, виршлите, шунката, сушеното и чаденото месо, додека во црвено месо спаѓа свинското, телешкото, говедското и срнешкото.

Во извештајот се наведува дека 50 грама месни преработки дневно, што е помалку од две  парчиња сланина, го зголемува ризикот за развој на рак на дебелото црево за 18%. Како што се објаснува во „Вокатив“, ризикот за развој на рак на дебело црево во текот на животот на човекот е 5 %. Ако јадете 50 грама месни преработки дневно, ризикот се зголемува за 18% од 5-те процени – што значи вкупниот ризик изнесува 5,9 %.

 

Следно што треба да се разбере е системот на класификцијата што го користи Меѓународната агенција за истражувања на ракот, која е огранок на СЗО. Таа ги класифицира работите во пет можни групи. Група 1 за докажано карциногени; Група 2А за „веројатно карциногени“; Група 2Б „можно карциногени“; Група 3 за работи што не можат да се класифицираат поради недостаток на податоци и Група 4 за „веројатно некарциногени“.

Две работи треба да се нагласат во врска со овие групи. Прво, како што се нагласува во „The Atlantic“, изразите што тука се користат како „веројатно“ и „можно“ се прилично двосмислени и не се од голема корист, но што е најважно, иако работите во овие групи лесно може да се идентификуваат како подеднакво ризични, тие на никој начин немаат исто ниво на ризик. На пример, и цигарите и месните преработки се ставени во Групата 1 (или канцерогени), но тие ни приближно не претставуваат подеднаква опасност за појава на рак.

Значи, класификацијата покажува колку е силна базата на податоци, а не колку силен карциноген е одреден производ или супстанца. Со сигурност пушењето на цигари или изложеноста на азбест се поопасни од јадењето хот-дог.

Точната причина за тоа што ги прави месните преработки канцерогени се’ уште не е јасно, но што се вели во извештајот може да прочитате на следниот линк.

Поддржете ја нашата работа: