Престојот на планина може да ја подобри крвта

Човечкото тело почнува да се адаптира на високите надморски височини речиси преку ноќ, а овие биолошки промени можат да траат и со месеци откако лицето ќе се врати на пониска надморска височина.

Ова е во спротивност со претпоставките кои важат веќе половина век дека кај луѓето кога се на повисока надморска височина, телото продуцира нови црвени крвни зрнца за да се олесни снабдувањето на мускулите и виталните органи со кислород.

„Ова важи веќе 50 години“, вели Роберт Рауч, водач на истражувањето од Универзитетот во Колорадо, за списанието „Science“. Но, во оваа претпоставка има еден голем проблем. Иако ова има смисла за луѓето кои живеат на високи надморски височини, како Тибетанците и луѓето од планинските предели на Андите, тоа не се поклопува со искуството што го доживуваат планинарите или скијачите. Бидејќи, иако телото продуцира два милиони црвени крвни зрнаца секоја секунда, потребни се недели за да се заменат сите црвени крвни зрнца, па како тогаш успеваат планинарите да преживеат на тие височини, ако се потребни недели да се адаптираат?

Како што нагласува „Science“, дури и обичните луѓе се адаптираат само за некој ден.

За да истражат што точно се случува, Рауч и неговите колеги работеле со група волонтери кои учествувале во проектот наречен „AltitudeOmics“, истражување кои се спроведува со цел да се утврдат основните биолошки промени што се случуваат кај луѓето кога тие се аклиматизираат  насредина на голема надморска височина.

Тие испратиле 21 лице, волонтери (12 мажи и 9 жени, на возраст од 19 до 23 години) во камп во близина на врвот на планината Чакалтаја во Боливија, на надморска височина од 5.260 метри.

Било извршено мониторирање на крвта на волонтерите пред да почнат да се искачуваат и во неколку следни интервали, меѓу кои и на височина од 3.200 метри – и откако се спуштиле на височина од 1.525 метри во период од седум дена.

После еднонеделен одмор, волонтерите повторно биле вратени на плнината, во обид уште еднаш да се искачат на 3.200 метри.

Волонтерите изјавиле дека второто искачување на планината го поднеле значително подобро од првиот пат.

Тоа укажува дека волонтерите не само што се адаптирале во текот на првото искачување, туку успеале промените да ги одржат откако се вратиле на пониска надморска височина.

Кога истражувачите извршиле анализа на крвта на волонтерите откриле дека кај црвените крвни зрнца се случувале промени и тоа многу брзо – во рок од неколку часа откако биле изложени на височина уште првиот ден.

Истражувачите исто така откриле дека многобројните промени поврзани со способноста на црвените крвни зрнца да го пренесуваат и да го доставуваат кислородот до мускулите и виталните органи, биле многу покомплексни од очекуваното.

shutterstock_95719522

Ова претставува  досега прв доказ, надвор од лабораториски услови, дека црвените крвни зрнца поминуваат низ биолошки промени како одговор на условите на голема надморска височина, а како што објаснува „Science“, бидејќи црвените крвни клетки живеат 120 дена, се очекува овие промени да траат исто колку и клетките.

Ова значи дека иако не сте родени со генетските варијации што им овозможуваат на 140 милиони луѓе ширум светот да живеат на високи надморски височини (дури и над 2.500 метри), вашето тело сепак може да направи промени со кои ќе се справи со предизвиците поврзани со средините со ниско ниво на кислород .

Овие наоди исто така можат да послужат за изнаоѓање на начин како да се третираат повредите кои се проследени со губење на многу крв.

Истражувањето е објавено во „Proteome Research“.

Поддржете ја нашата работа: