За да се спречи ова огромно влијание врз глобалното затоплување, експертите велат дека милиони тони од CO2 можат да бидат „заробени“ и складирани под земја.
Конвенционалните проектите за складирање на јаглеродниот диоксид работат на сличен принцип. CO2 – гасот под висок притисок се претвора во течност и се вбризгува, обично во песокливо-карпести формации, најчесто во стари нафтени или гасни полиња. Непропустливите слоеви од карпи што се наоѓаат над делот каде се складира гасот, теоретски би требало да го задржат гасот заробен неограничено време. Но, бидејќи гасот останува нестабилен, постои ризик низ пукнатините да се движи кон површината и во вид на меур повторно да се врати назад во атмосферата.
Проектот „КарбФикс“ се разликува од конвенционалниот пристап. Тој користи вода која заедно со CO2 се вбризгува во вулкански карпи. Техниката е дизајнирана да ја искористи способноста на CO2 да реагира со карпите и да се претвори во цврсти минерали. Мешавината од вода и CO2 резултира со создавање на газирана вода, која е кисела и помага во разложување на карпите и ослободување на калциум и други елементи коишто се комбинираат со јаглеродот и кислородот од CO2. Бидејќи гасот всушност исчезнува, посоодветен назив за овој процес е минерална карбонизација.
Минералната карбонизација може да се случи во било кој вид на карпа, но процесот е ислучително бавен. За да се забрза овој процес, проектот „КарбФикс“, го вбризгува гасот во базалт (basalt) која е исклучително реактивна карпа. Во светот постојат повеќе места богати со базалт кои можат да служат за ослободување од CO2 на овој начин.
Но дали овој проект ќе биде комерцијално остварлив, а со тоа и широко прифатен за да помогне во запирањето на климатските промени, се’ уште останува неизвесно.
Вбризгувањето на големи количини вода заедно со CO2 – 25 тони течност на секој тон гас – ги зголемува трошоците. Проценката на научниците од „КарбФикс“ е дека ова би чинело околу 17 долари по тон CO2 – што е двапати повеќе од трошоците за транспорт и вбризгувањето само на гасот.
Но, експертите напоменуваат дека овој пристап на „КарбФикс“, на долг рок може да има предности во однос на конвенционалното складирање на CO2. Поради можноста од истекување, кај конвенционалното складирање потребно е долгорочно надгледување, можеби стотици години и трошоците тешко можат да се предвидат. Пристапот на „КарбФикс“ овозможува складираниот гас во вид на стабилен минерал да биде оставен сам на себе, без потреба од дополнително надгледување.
Научниците од проектот „КарбФикс“ се убедени дека минерализацијата ќе биде вреден допринос во напорите во борбата против климатските промени.