Приказната за куќата на Исус

Куќата била делумно направена од малтер и камени ѕидови и била издлабена во карпест рид. Прв пат била откриена од калуѓерките од манастирот „Сестрите од Назарет“, но дури во 2006 година  тим архелози предводени од Кен Дарк, професор од Универзитетот Ридинг од Велика Британија, покажале дека куќата датира од 1-виот век и ја идентификувале како место за кое луѓето кои живееле векови после Исус верувале дека е тоа куќата во која израснал Исус.

„Дали ова била куќата во која живеел Исус во реално време, од археолошка гледна точка не може точно да се каже. Но, од друга страна не постои археолошка причина ваквата идентификација да биде отфрлена“ – вели Дарк.

Се верува дека Исус израснал во Назарет. Археолозите откриле дека, векови после времето на Исус во времето на Византија  (која владеела со Назарет до 7-от век) куќата била украсена со мозаици и крај куќата  била подигната црква наречена „Црква на исхраната“ за да ја заштити.

Крстоносците кои пристигнале во Светата Земја во 12-от век ја обновиле црквата. Доказите покажуваат дека и Византијците и Крстоносците верувале дека тоа е куќата во која израснал Исус – вели Дарк.

Приказната за куќата на Исус

До неодамна неколку археолошки остатоци кои датираат од првиот век, за кои беше познато дека потекнуваат од Назарет беа главно гробови. Меѓутоа во последните неколку години археолозите во овој град идентификувале две куќи од првиот век ( Другата куќа е откриена во 2009 година и се смета дека не е куќата во која израснал Исус.)

 

Куќата за прв пат била откриена во 1880 година од калуѓерките од манастирот „Сестрите од Назарет“. Во 1936 година, Језуитскиот свештеник Хенри Сенес, кој пред да стане свештеник бил архитект, го посетил локалитетот и направил многу детален каталог со цртежите и белешките што ги добил од калуѓерките. Најголемиот дел од неговиот труд не бил објавен и затоа не бил широко познат освен на калуѓерките и на луѓето кои го посетиле манастирот.

Во 2006 година калуѓерките му одобриле на Археолошкиот Проект Назарет (воден од 2004 до 2010 г.) целосен пристап до локалитетот како и до внимателно чуваните цртежи и белешките од Сенес. Дарк и останатите археолози од проектот направиле истражување на локалитетот и своите наоди ги комбинирале со анализите на Сенес, забелешките од наодите од калуѓерките и со други информации и направиле реконструкција на настаните од првиот век до денешно време.


Од едноставно живеалиште до свето место

Меѓу артефактите пронајдени во куќата од првиот век се наоѓаат скршени садови за готвење, вретена, како и садови од варовник, што укажува на тоа дека е можно таму да живеело семејство, велат археолозите. Садовите од варовник укажуваат дека тука живеело еврејско семејство, бидејќи според еврејското верување, варовникот не може да биде нечист. Доколку еврејско семејство живеело тука, тоа би можело да ја поткрепи идејата дека би можело да биде домот на Исус.

Дарк и неговите колеги откриле дека куќата била напуштена во одреден момент во текот на првиот век. После тоа куќата била користена за вадење на камен, а подоцна во првиот век била користена како место за погребување. Покрај напуштената куќа биле направени две гробници (сега празни), а предворјето на едната гробница поминувало низ куќата. Археолозите денес знаат дека гробницата е направена откако куќата е напуштена, но луѓето од Средниот Век ведувале дека тоа е гробот на Јосиф, мажот на Дева Марија.

Неколку века после времето на Исус, околу куќата и двете гробници била изградена „Црквата на исхраната“, но црквата престанала да се користи во осмиот век. Во 12-от век Крстоносците повторно ја обновиле, но била запалена веќе во 13-от век.

„Фактот дека куќата била заштитена ја објаснува нејзината одлична зачуваност. Вложен бил голем напор за остатоците од градбата да бидат опфатени во засводените подземни простории и на Византиската и на црквата од Крстоносците, за да би можела да биде зачувана. И куќата и двете гробници биле украсени со мозаици од византиски период  што укажува дека имале посебна важност или можеби служеле за поклонение“ – вели Дарк.

Како изгледал Назарет?

Археолозите откриле и бројни локалитети во околината на Назарет од кои може да се заклучи каков бил Назарет во времето на Исус.

Римјаните почнуваат да владеат со Израел во првиот век п.н.е. Дарк и неговиот тим откриле дека и покрај големото влијание што го имале Римјаните, луѓето од Назарет и околината ја отфрлиле римската култура. Истражувањата направени од археолозите во долината покрај Назарет, наречена „Нахал Зипори“, откриле дека луѓето што живееле на северната страна од  долината, во близина на римскиот град „Сефорис“ биле поподготвени да ја прифатат римската култура од оние на југ кои биле поблиску до Назарет, кои се чини ја отфрлиле.

„Ова укажува дека во областа  Назарет, анти-римското расположение било необично силно изразено, или силно бил изразен нивниот еврејски идентитет“- вели Дарк.

Можеби ќе треба извесно време додека научниците целосно да ги анализираат наодите и да дадат свое конечно мислење и заклучок.  

Поддржете ја нашата работа: