Пронајден живот на најсувото место на светот

Пустината Атакама во северниот дел на Чиле е позната како најсувото место на светот. Во некои делови не заврнало дожд повеќе од 400 години. Еден дел од пустината наречен „Јужна Марија Елена“ е толку многу сув што научниците сметале дека никаква форма на живот не би можела да преживее таму.

Но, неодамна, тим на научници откри неколку бактериски видови во почвата на Јужна Марија Елена и други региони во пустината кои порано се сметале за „сувата граница“ на животот.

„Навистина сме изненадени од пронаоѓањето на микробен живот на ова место. По овие наоди, не сме ни сигурни дали навистина постои сува граница за животот на Земјата“, изјави д-р Армандо Азуа-Бустос за „Huffington Post“.

За да ја утврдат микробната содржина на екстремно сувите региони од пустината, истражувачите анализирале ДНК од примероците на почва. Тие користеле форма на електрофореза што всушност претставува честа техника која се користи за да се испита составот на микробите. Откриле изненадувачка разновидност на бактерии, главно од групите „Actinobacteria“, „Proteobacteria“, „Firmicutes“ и „Acidobacteria“.

Истражувачите исто така користеле и микро сензори за да ја измерат температурата и влажноста на почвата и потврдиле дека пустината е навистина најсувото место на светот. Релативната влажност на почвата на длабочина од еден метар е околу 14%, што се совпаѓа со влажноста на почвата кај кратерот Гејл на Марс.


„Бидејќи најдовме неколку видови на микробен живот на место кое е суво исто како и Марс, не би требало да има ограничувања за да најдеме слична форма на живот во почвата на Марс“, вели д-р Армандо.

Истражувањето е објавено онлајн во „Environmental Microbiology Reports “.

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt