Пронајдени остатоци од прастар паразит


Интернационалниот тим на научници го открил овој фосил на локалитетот Херефоршир. Професорот Дејвид Сиветер од Универзитетот Лестер, вели дака тој бил „замрзнат во времето“, кога вулкан ги уништил и ги конзервирал морските суштества на овој локалитет.

 

Новиот вид, кој е наречен „Invavita piratica“ (што значи „антички натрапник“), припаѓа на групата паразити позната како пентастомида (јазиковидни црви).

Тој е прастар предок на 140-те видови паразити што постојат денеска и живеат во респираторниот систем на домаќинот.

Професорот Дејвид Сиветер од Универзитетот Лестер, вели дека тоа всушност не е црв. „Спаѓа во една голема група на животни, што ги нарекуваме членконоги (артроподи)“- вели професорот Сиветер. Оваа голема  група опфаќа инсекти, пајаци и раковидни животни.

„Invavita piratica“ има тело во облик на црв, глава и два пара на екстремитети. За да направат детални 3Д слики – во суштина КТ-скен на целокупниот фосил, истражувачите морале да го уништат оригиналниот примерок. Тие го скршиле секој слој поединечно и посебно го скенирале, за да креират „3Д виртуелен фосил“. (виртуелниот фосил на сликата е прикажан во портокалова боја, закачен за рак)

„Составот на фосилот е ист како и карпата на која лежи, па затоа не може да се одвои од неа“- вели професорот Сиветер. „Но и виртуелниот фосил е подеднакво добар“- додава тој.

Тој изјавил за „BBC News“ дека ова е многу редок примерок на паразит од дамнешните времиња, од кој може да се дознае за потеклото на една важна група на паразити.

„Повеќето од овие паразити во денешно време ги инфицираат ‘рбетниците, влучувајќи го и човекот, но ова покажува дека паразитот ги напаѓал и безрбетните (морски) животни. Тоа ни зборува за потеклото на нивниот начин на живот- како тие од претежно водена средина,  преминале на копно“- вели професорот.

Точната локација каде е откриен фосилот се чува во тајност, за да се заштити. Додека повеќето фосилни наоѓалишта содржат зачувани остатоци од школки и коски, во ова наоѓалиште сочувани се и меки ткива.

Откритието е објавено во списанието „Current Biology“.  

Поддржете ја нашата работа: