Пронајдени остатоци од првата жртва на убиство

Истражувачите испитувале човечки череп, откриен на локалитетот наречен „Јама на коските“, во која се наоѓале остатоци од најмалку 28 лица. Од двете фрактури што се наоѓале на черепот, истражувачите заклучиле дека „се последица од повеќекратни удари“, што покажува дека се нанесени „со намера да се убие“.

Научниците велат дека ова, како и знаците кои навестуваат зошто коските биле во пештерата, претставуваат грозоморни докази дека насилството било составен дел од културата на најраните човечки заедници.

Овие наоди се објавени во списанието „PLOS One“.

Интернационален тим на научници го проучувале черепот со помош на современите техники за медицински снимања. Виртуелната реконструкција покажала дека двете фрактури, што биле јасно видливи во предниот дел на черепот, се скоро идентични, што покажува дека „двете биле предизвикани од ист предмет.“

Форензичките истражувања откриле дел од  загатката, како овие луѓе се нашле во пештерата. Овој локалитет, научниците го истражуваат повеќе од три децении. Во 2013 година, истражувачите успеале да извлечат древна ДНК од една од коските што биле тука зачувани. Според некои научници се работи за тела на раните претставници на лозата Неандерталци.

Според истражувачите, долгата вертикална пештера претставува место каде древните луѓе „намерно ги ставале починатите членови од нивната заедница“. Истражувачите заклучуваат дека „ова веројатно била практика во оваа група“ и можеби се најран доказ за постоење на обичаи за погребување забележан кај нашите предци.

„Насилното однесување е својствено за луѓето од пред најмалку 430 000 години. Но исто така тие се грижеле за болните, па дури и за мртвите“- вели д-р Нохеми Сала од Институтот Салуд Kарлос III во Мадрид, за „BBC News“.

„Не сме се промениле многу во последните половина милион години“- додава тој.


Поддржете ја нашата работа: