Роботот е изграден од страна на истражувачка група по биомехатроника. Во иднина, треба да служи како платформа за биолозите и роботичарите да ги тестираат хипотезите за движењата на животните. Еден важен аспект ќе биде спојувањето на огромното количество на податоци од сензорите, за роботот да може да се движи посамостојно. И уште едно клучно прашање ќе биде оптималната координација на движењата од страна на робот со еластични дискови.
„Начинот на кој што функционира еластичноста во дисковите на Хектор е сличен на начинот на кој работат мускулите во биолошките системи“, објаснува проф. д-р Аксел Шнајдер, главен истражувач и координатор на проектот на „CITEC“. Тој и неговиот тим на научници ги создале еластичните дискови. Хектор има 18 дискови и со помош на нивната еластичност може флексибилно да се адаптира на својствата на површините по кои оди.
Меѓутоа, еластичноста не е доволна за Хектор да може да се движи во природна средина со многу попречувања на патот. Научниците сакаат да развијат контролен систем кој ќе ги контролира движењата на своите нозе во нерамно опкружување, а за да го постигнат тоа, сите под-системи мора да комуницираат меѓу себе. Ако тоа не е така, тогаш, на пример, Хектор би можел да крене премногу нозе одеднаш, да стане нестабилен и да се преврти. Исто така, нозете треба да се способни за реакција при судирот со пречките, па за таа цел научниците имплементирале рефлекси за качување преку објектитe. Научниците програмирале виртуелна верзија на Хектор за подобро да ги вршат тестирањата без да го оштетат роботот.
Осум истражувачки групи, составени од научници од областа на биологијата, физиката, инженерството и компјутерските науки, ги здружиле силите во „CITEC“ и три години работеле на проектот да го оптимизираат Хектор. Во моментов, тие работат на предниот дел на Хектор кој сакаат да го опремат со сензори, исто како главата. Тие веќе имаат прототип со две странични камери и две тактилни антени, кои исто така се инспирирани од инсектите.
Истражувањето на Хектор е производ од низа други поранешни проекти на „CITEC“. На пр. функционалните делови на Хектор биле произведени за време на проектите „MULERO“ и „ELAN“. Понатамошен чекор во конструкцијата на роботот бил дизајнот и производството на роботското тело. Бил создаден бел и зелен модел од страна на дизајнерите од Универзитетот за уметност „Фолкванг“ во германскиот град Есен и инженерите од Институтот за истражување на полимери во Дрезден. Сегашното тело на роботот е црно бидејќи е направено од пластика која содржи јаглеродни влакна за да биде полесно.