Долги патувања низ градот, тесни простори за живеење и непријатни интеракции со други се само некои од причините што толку многу луѓе едвај чекаат да излезат надвор од градот за да се одморат опкружени со природата.
Се’повеќе докази покажуваат дека зелените површини драматично го подобруваат менталното здравје и благосостојба на лицето. Како? Едно ново истражување можеби го има одговорот.
Истражувањето објавено во „Зборникот на Националната академија на науките“, покажа дека прошетките во природа ги намалуваат „црните“ мисли, а со тоа се намалуваат шансите за развој на депресија и други ментални болести на лицето.
Според Американската психолошка асоцијација, луѓето имаат тенденција да размислуваат за одредени прашања во нивниот живот постојано и моќта која тие ја имаат врз нив. Поголемиот дел од времето овие прашања се негативни.
Со текот на времето, „црните“ мисли може да предизвикаат надолна спирала на негативно однесување, што пак ја намалува способноста за рационално размислување и решавање на проблемите, па дури и може да доведе до губење на социјалната поддршка – пријателите стануваат фрустрирани поради недостатокот на подобар поглед на животот. Со сето она што се случува во еден град, лесно е да заглавите со негативни мисли и стрес. Ова е причината зошто времето поминато во природа е сè повеќе и повеќе важно.
Авторот на истражувањето, д-р Грег Братман, вели дека ние не сме еволутивно предодредени за живот во урбани средини.
Истражувачите од Универзитетот Стенфорд вклучиле 38 мажи и жени во истражувањето. Им биле дадени прашалници за нивните тенденции за негативни мисли. Потоа, тие биле подложени на скенирање на мозокот со цел да се измери активноста во еден дел од мозокот поврзан со негативното повлекување во себе, наречен субгенуален префронтален кортекс (sgPFC). Потоа им било речено да одат на 90-минутна прошетка во природа или во урбана средина.
Резултати: Оние кои учествувале во прошетките во природа имале помалку негативни мисли, а на повторното снимање нивниот „sgPFC“ бил помалку активен.
Ова истражување открива шема преку која природата може да го подобри менталното здравје, и укажува на тоа дека достапните природни области во урбаните средини може да бидат суштински ресурси за менталното здравје во нашиот урбанизиран свет”, пишуваат истражувачите, истакнувајќи дека повеќе од 50 проценти од луѓето сега живеат во урбани средини. До 2050 година, се очекува тој процент да се зголеми на 70 проценти.
Светската здравствена организација проценува дека околу 350 милиони луѓе во светот живеат со депресија. Иако само мал дел од овие луѓе живеат во урбаните области, градењето на повеќе јавни зелени површини може да помогне во намалување на стапката на депресија. Многу градови во САД, како што се Чикаго и Њујорк, веќе започнаа. Важно е да се вклучат овие „психолошки екосистеми” во урбанистичките планови.
Ние сме во уникатен момент во историјата на човештвото. Никогаш порано толку многу луѓе не живееле во градовите, неповрзани со природниот свет.