ПРОЦЕНА на загрозеност на Градот Скопје од поплави

Поради големата несреќа која деновиве го зафати градот Скопје, голем број наши читатели побараа од нас да обработиме и истражиме повеќе аспекти за самата катастрофа, како за нејзиното настанување така и за реалните можности за превенција или ублажување на штетите.

Иако најголемиот дел од читателите ги интересира мистичниот начин на задржување на невремето во една локација, а истото го донесоа ветрови со големи брзини, како и можноста за надворешна интервенција со напредни системи за контрола на атмосферските промени, разни теории на заговор, како и “HAARP” системот, сепак ние се одлучивме да почнеме од почеток.

Во електронскиот службен весник на град Скопје од 2008 година излезен е текст со наслов: „Проценка на загрозеност на Градот Скопје од природните непогоди и други несреќи“

Решивме да издвоиме по неколку пасуси поврзани со самата поплава:

Географска положба и просторни карактеристики

Вкупната големина на Скопскиот регион изнесува 180.706 ха. Надморската височина на Градот Скопје се движи од 264 метри во Ѓорче Петров до 240 метри во Аеродром. Во широчина 9 километри (Водно – Радишани) и во должина 23 километри (Драчево – Ѓорче Петров).
Градското подрачје зафаќа површина од 225 км2.

Демографска развиеност

Според пописот од 2002 година на подрачјето на Градот Скопје се регистрирани вкупно 471.626 жители.

Густината на населението на подрачјето на градот Скопје се движи околу 257 жители на 1 км. квадратен. (Потрудете се да утврдите како е дојдено до оваа цифра)
Бројот на инвалидизирани лица изнесува 9.000, а оваа бројка е значајна од аспект на згрижување при вонредни состојби и елементарни непогоди.

Хидрографија

Скопскиот регион изобилува со воден потенцијал, како со реки, така и со подземни води и бунари. Скоро по средината на градот Скопје протекува реката Вардар, а во неа се слеваат реките: Треска, Лепенец, Пчиња, Серава, Маркова река и Кадина река. Фактот што во овој регион се слеваат повеќе реки, при обилни врнежи градското подрачје и Скопската котлина се подложни на поплави. Опасноста е дотолку поголема, затоа што речните корита не се регулирани со исклучок на дел од коритото на реката Вардар од населбата Хром до населбата Долно Лисиче. Со вода за пиење градот се снабдува од изворот Рашче кој задоволува 96% од потребите, а останатиот дел се снабдува од бунарите во Драчево и Долно Нерези.

Канализација, одведување и пречистување на отпадните води

Градот Скопје во иднина ќе се продолжи со изградба на сепарациона канализациона мрежа, со тоа што колекторите изградени пред 1963 год. како комбинирани се пренаменуваат во фекални, а атмосферскиот канализационен систем продолжува да се гради како сепаратен.
За целосна изградба на канализациониот систем потребна е доградба на два колектори од левиот и десниот брег на река на Вардар, до предвидената пречистителна станица и двете препумпни станици налевиот и десниот брег на реката Вардар. Главниот колектор на левиот брег на реката Вардар треба да се догради од сегашниот испуст во р. Вардар кај „Скопска Пивара” до локацијата пречистителната станица, со профил Ш1600мм и Ш1800мм, со должина од 5.000 метри. Главниот колектор на десниот брег на р. Вардар кај бул. „Србија” до локацијата на пречистителната станица со приближна должина од 3.000 метри.
Препумпните станици ќе овозможат внесување на отпадните води во пречистителната станица на потребно висинско ниво.
Со целосно заокружување на канализациониот систем сите објекти од времен карактер ја губат својата функција, а тоа се на левиот брег препумпните станици Маџари I, Маџари II , Маџари IIа и на десниот брег препумпните станици 11 Oктомври, Ново Лисиче и пречистителната и пумпна станица Старо Лисиче.
За дооформување на атмосферската канализација на градот потребно е да се изгради магистрална атмосферска канализација во должина од 78.130м со дијаметри од 600 до 2400/2000 мм. Секундарната мрежа ќе ја прати изградбата на станбените комплекси.
За заштита од атмосферските води од падините на Водно и Скопска Црна Гора потребно е да се довршат започнатите работи кај Ѓорче Петровската серија, кај поројната серија во долниот тек на Лепенец и да се започне со градежни работи кај поројната серија Маркова Река.

Мерки за заштита од поголеми врнежи на дожд и снег на териоторијата на градот Скопје

Во услови на временски непогоди т.е обилни врнежи од дожд и од снег, посебно ќе треба да се обрне внимание на критичните места во градот Скопје , каде ќе бидат ангажирани перманентно луѓе и механизација, цис. вакум, цис. притисок и други потребни машини и алати. Критични места во град Скопје каде може да дојде до поплава на сообраќајници, а со тоа и отежната проодност и функционирање на сообраќајот се следните:

  • Подвозникот на бул. Х.Т Карпош кај општина Чаир
  • Подвозникот на ул. А.Урдаревски кај Наше Дете
  • Подвозникот на Мак- Косовска бригада под Шуто Оризари
  • Подвозникот на бул. Војводина кај стар Кванташки пазар
  • Подвозникот на бул. Србија кај Цементарница
  • Подвозникот на бул. Бихаќка кај Геолошки завод
  • Подвознокот на бул. Гоце Делчев – Стоковна Куќа Мост
  • Подвозникот кај Хотел Александар Палас

Превентивни и оперативни активности и мерки за спроведување на заштитата и спасувањето од поплави

Секако дека основна заштита од хидролошките непогоди се состои во воспоставување на контрола на режимот на водите и нивниот квалитет и создавање услови за ефикасно управување со водите.
Контролата врз режимот и квалитетот на водата спаѓа во превентивни мерки со која се врши следење на хидрометеролошките појави и нивниот развој, одредување на режимот и квалитетот на водите и особено појава на можна хидролошка непогода.
За таа цел неопходно е воспоставување на современ хидролошки мониторинг систем преку кој брзо ќе се добиваат информации за хидрометеорошката состојба во одредени региони со што се овозможува изготвување на прецизни прогнози за можните хидролошки непогоди.

Во функција на спроведување на превентивните мерки и активности задолжените субјекти ги превремаат следниве мерки и активнисти:

  • се определуваат водостопанските, електростопанските, хидрометеоролошките и други објекти постројки што можат да послужат во заштитата и спасувањето од поплави и се прецизира нивната улога и функција, се означуваат нивните локации и правните субјекти кои управуваат со нив.
  • се определуваат местата и бреговите на водотекот, акумулацијата каде најчесто се јавуваат излевања на водата и за тие места се предвидуваат најпотребни хидротехнички и други заштитни работи и мерки за брзо спроведување на излевањето.
  • кај регулираните водотеци, се определуваат слабите места на насипите или утврдените брегови и се изготвува техничка документација за брзо санирање на тие места
  • кај нерегулираните водотеци во зависност од материјалните добра што треба да се заштитуваат од поплавите се определуваат одбрамбени линии кои во зависност од нивната должина и конфигурација на теренот се делници и сектори.
  • по делници и сектори на загрозеното подрачје се определуваат места каде ќе се депонира поребниот заштитен материјал.
  • за да се спречат поголеми штети во низводните делови од подрачјето, се спроведуваат простори за привремено задржување на излеаните води во низводните делници или сектори и за тие простори се превземаат поребни активности.
  • се обезбедуваат врски меѓу делниците и секторите во загрозеното подрачје и врски со силите за заштита и спасување и Центарот за известување и тревожење.
  • се превземаат активности во и покрај коритата и бреговите на водотекот (мостови, подолжни и попречни насипи на патиштата, железничките пруги и др.) кои со своето постоење го попречуваат течењето на големите води и
  • изведба на информатички систем за далечинско набљудување и управување со акумулациите од хидротехничките објекти (темелни испумпи, зафати и сл. ).

Намерата на овој наш текст е да се види дека скоро сите потенцијални проблеми, опасности и решенија се детектирани и понудени од стручните лица. Меѓутоа за динамиката на решавање на проблемите, приоритетите за дејствување и инвестирање одлучуваат политичарите за кои се сомневаме дека секогаш се доволно стручни да ги реализираат и приоретизираат. Ова не е обид да се наоѓаат херои и виновници после војната него само обид да се изврши притисок врз надлежните институции да изработат и реализираат системски решенија за донесување одлуки од стратешко значење за градот и државата кои се базирани на научни докази намалувајќи го притоа човековото вијание на најниско ниво.

 

Поддржете ја нашата работа: