Астрофизичарите од Канада успеале да ја направат првата слика на „мост“ од црна материја за кој се верува дека поврзува две галаксии.
Истражувачите од Универзтетот во Ватерло ја користеле техниката позната како гравитациона леќа, за креирање на композитната слика од мостот. Гравитациона леќа е ефект кој предизвикува сликите од далечните галаксии да изгледаат по малку искривени под влијание на некоја маса, како планета, црна дупка или, во овој случај црна материја.
Композитната слика е направена со комбинација на сликите од 23.000 пара галаксии, забележени на оддалеченост од 4,5 милијарди светлосни години. Ефектот бил измерен преку повеќегодишно телескопско набљудување.
Резултатите покажале дека мостот од црна материја бил најцврст помеѓу системите оддалечени помалку од 40 милиони светлосни години и ги потрврдува претпоставките дека галасиите се врзани меѓу себе преку космичка мрежа од невидлива супстанција.
Се смета дека црната материја сочинува околу 27 проценти од Универзумот, која не апсорбира и не рефлектира светлина, што ја прави невидлива. Меѓутоа, преку нејзината интеракција со видливата материја научниците можат да изведат заклучок дека таа постои.
Според истражувачите ова достигнување е голем чекор напред во детектирањето на мистериозната форма на оваа материја.
„Со децении научнците предвидуваа постоење на црна материја помеѓу галаксиите, а оваа слика сега не поместува над предвидувањата, кон нешто што може да го видиме и да го измериме“– изјавил Мајк Хадсон, професор по астрономија на Универзитетот во Ватерло.
Резултатите од истражувањето се објавени во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society“.