Првиот човечки мускул растен во лабораторија

Ова ткиво би требало да им овозможи на истражувачите да тестираат нови лекови и да ги проучувааат болестите во функционален човечки мускул, надвор од човечкото тело.

Истражувачите го развиле мускулното ткиво од мал примерок на клетки т.н. „миогени прекурзори“, ги размножиле повеќе од 1 000 пати и ги поставиле во 3Д платформа исполнета со гел за потхранување, што овозможило да се формираат функционални мускулни влакна.  Потоа, мускулното ткиво било тестирано со серија тестови, за да се одреди колку е слично со природното мускулно ткиво од човечкиот организам.

При електрична стимулација, мускулното ткиво реагирало со силна контракција, што за прв пат се случува кај човечки мускул развиен во лабораториски услови. Сигналните патишта што му овозможуваат на нервот да го активира мускулот биле сочувани и функционални.

За да одредат дали мускулот може да се употреби за медицински тестови, истражувачите извршиле тестирање на разни лекови, меѓу кои и статините, лекови кои се користат за намалување на холестеролот во крвта, и кленбутерол (clenbuterol), лек за кој е познато дека неофицијално се користи за зголемување на снагата кај спортистите.

Ефектите од лекот врз вештачкиот мускул биле исти како и оние што ги има врз човекот. Статините и кај вештачкиот мускул создавале абнормални масни акумулации при високи концентрации, додека кленбутеролот покажал мало зголемување на контракциите. Истите ефекти се забележани и кај луѓето.

Можноста да се создаде мускул во лабораториски услови што ќе се однесува како и природното човечко мускулно ткиво е огромен чекор за медицината. Лекарите наскоро ќе можат прецизно да го одредат влијанието на различни лекови врз човечкото тело.

Уште повеќе, истражувачите се надеваат дека со оваа метода ќе можат да креираат медицински третман индивидуално за секој пациент. Од секој пациент би можеле да се земат клетки од кој ќе се создадат повеќе мускулни ткива кои ќе служат како примероци на кои ќе се тестира кој лек најдобро делува кај секој од пациентите.

Исто така, истражувачите се надеваат дека во блиска иднина ќе можат да создадат мускулно ткиво од индуцирани плурипотентни матични клетки (pluripotent stem cells), наместо од примероци земени со биопсија

„Постојат болести како ште е „Duchenne“ мускулната дистрофија (Duchenne Muscular Dystrophy), каде што е тешко да се земе примерок од мускулно ткиво со биопсија. Кога би можеле да создадеме функционално мускулно ткиво од индуцирани плурипотентни матични клетки, би било доволно да земеме еден примерок од кожа или крв и повеќе да не го вознемируваме пациентот“, велат истражувачите од Универзитетот „Дјук“

Истражувањето е објавено во списанието „eLife“



Поддржете ја нашата работа: