Туберкулозата се пренесува преку вдишување на заразените капки што заболениот ги исфрла при кашлање. Светската здравствена организација ја прогласи туберкулозата за глобална ургентна состојба. Девет милиони луѓе секоја година заболуваат од туберкулоза. ТБ е најголемиот убиец на денешницата кога се работи за бактериски инфекции. Во многу земји се појавуваат повторувачки епидемии и случаи на туберколоза кои се отпорни на многу лекови.
После инфицирањето, повеќето луѓе не заболуваат од туберкулоза. Најподложни на инфекцијата се луѓето со намален имунитет. Пушењето ја зголемува подложноста на инфекцијата, ризикот од повторување, смртноста, како и долготрајноста. Сепак, досега механизмот на поврзаноста меѓу пушењето и туберкулозата беше непознат.
Истражувачите го спровеле истражувањето на пушачи, поранешни пушачи и непушачи. Тие откриле дека белите крвни зрнца во белите дробови, кои се одговорни за борбата против инфекции, кај пушачите и поранешните пушачи покажале многу слаб одговор на туберкулозната инфекција. Во белите дробови кај пушачите овие клетки не функцонираат добро и не успеваат да да создадат хемиски материи кои нормално би се бореле со инфекцијата. Всушност, истражувачите откриле дека овие клетки го потиснуваат имунитетот на белите дробови после инфицирањето, што на туберкулозната бактерија и овозможува да завладее.
Ова истражување нуди докази кои ја објаснуваат врската помеѓу пушењето и туберкулозата и би требало да ги засили напорите во борбата против пушењето со што би се контролирала и туберкулозата. Исто така, големата отпорност на туберкулозата на лековите значи дека е неопходна нова терпија и други опции на вакцинација.
„Веќе ги користиме наодите од оваа студија за развој на нови опции за третман“, истакнуваат истражувачите.
Истражувањето е објавено во списанието„ American Journal of Respiratory and Critical Care Medicine“.