Повеќето од нас поминуваат долги часови на работа и работат повеќе од 40 часа неделно, дури и по цена на сопственото здравје. Сега, науката потврдува дека ова навистина е штетно за здравјето. Според науката, работењето повеќе од 39 часа во неделата го загрозува нашето здравје.
Истражувачите од Националниот универзитет во Австралија користеле податоци за 8.000 Австралијанци кои учествувале во истражувањето за динамиката на домаќинствата, приходот и работата во Австралија и покажале дека работната граница за одржување на здрав живот треба да се постави на 39 часа неделно, наместо на 48 часа – граница која е поставена пред околу 80 години.
Минатата година, една 24-годишна девојка од Јапонија се самоуби по 105 изработени прекувремени часови во месецот. Ова повторно ја отвори меѓународната дебата за работните часови.
„Долгото работно време го нарушува и физичкото и менталното здравје на човекот, бидејќи не остава простор за човекот да јаде и да се грижи за себе соодветно“, вели Хуонг Дин од истражувачката школа за здравјето при Националниот универзитет во Австралија.
Истражувачите објаснуваат дека не е потребно да се работи долго време за се биде ефикасен и луѓето треба да престанат да веруваат во тоа. Покрај тоа, жените се најчесто помалку платени и поминуваат повеќе време вршејќи ги домашните работи, иако во просек се подеднакво квалификувани како мажите.
Со оглед на тоа што покрај својата работа, жените вршат и многу дополнителни работи, невозможно е да работат долги часови, како што очекуваат работодавците, без да го загрозат сопственото здравје.
Истражувањето е објавено во „Social Science & Medicine“.