Ракот резултат на „лоша среќа“


Со години здравствените експерти предупредуваа дека за појавата на туморите
 се одговорни лошата исхрана, недостатокот на физичка активност или генетска грешка пренесена од родителите. Владата на САД дури спроведе и проект наречен „100 000 геноми“ се со цел да се открие генетската причина за ретките болести и канцерозни состојби.

Меѓутоа , сегашното истражување покажува дека повеќето видови на рак првенствено се резултат на „лоша среќа“, а не на лошиот начин на живот или дефект во ДНК (DNA)

Истражувачите откриле дека повеќе од две третини од канцерите се последица на случајни грешки во делбата на клетката , што е потполно надвор од нашата контрола.

Колку повеќе клетките имаат потреба да се делат за да останат здрави , толку е поголема веројатноста да се развие рак. Ова е прв пат научниците да можат да објаснат зошто некои видови на рак се  почести од другите. Така на пример, ракот на дебелото црево е многу почест од ракот на тенкото црево, затоа што клетките во дебелото црево се делат два пати побрзо од клетките во тенкото црево.

Од 31 вид на рак коишто ги проучувале, научниците откриле дека само кај девет нивната појава е поврзана со начинот на живот и генетиката. Останатите 22 , биле едноставно резултат на „лоша среќа“, а  ДНК и начинот на живот имале многу мало влијание.

Клеточната делба е многу важна за регенерација на телото и за поправка на  оштетувањата на ткивата. Но понекогаш, еден хемиски „запис“ од ДНК , за време на репликацијата, може погрешно да биде заменет со друг и да доведе до создавање на канцерогени клетки.

Научниците го разгледале бројот на клеточните делби од 31 вид на телесни клетки и ги споредиле со вкупната инциденција на рак во американската популација.
Откриле дека колку повеќе клеточни мутации се јавуваат , толку е поголема стапката на рак , што укажува на тоа  дека главна движечка сила за појава на ракот е бројот на случајни грешки во репликацијата, а не силите од надворешната средина. На пример , клетките од панкреасот се регенерираат многу побрзо од тие во карлицата и затоа ракот на панкреасот е многу почест од ракот на карлицата.

Сепак , некои видови на рак , како што е ракот на белите дробови и ракот на кожата се јавуваат почесто отколку што би можело да се предвиди според нивните мутации, што укажува дека кај овие видови на рак, генетиката или начинот на живот го зголемуваат ризикот. Истражувачите велат дека долговечноста кај некои луѓе кои не добиле рак, а биле изложени на агенси кои предизвикуваат рак како тутунот на пример, често се припишува на „добрите гени“, а вистината всушност е дека повеќето од нив едноставно имале среќа.

„Нашето истражување, во принцип, покажува дека бројот на делбите на матичните клетки во некое телесно ткиво е во директна врска со појавата на рак на истото ткиво“, велат истражувачите.

Сепак , експертите нагласуваат дека истражувањето ја покажува и важноста од намалувањето на ризик- факторите за некои видови рак , преку правилна исхрана , физичка активност или откажување од пушењето.

„Можеби овие промени не се гаранција дека нема да добиете рак , но секако во голема мерка ги зголемуваат шансите“

Научниците нагласуваат  дека поради неможноста некои видови на рак да се превенираат со промената на начинот на живот и генетскиот скрининг, главниот фокус треба да биде насочен кон пронаоѓање на начини за откривање на овие видови рак во рана фаза, кога можат и да се излекуваат.
Истражувањето е објавено во списанието „Science“

Поддржете ја нашата работа: